Јун
20
2026
Светски ден на бегалците- додека сите не бидат безбедни
Секоја година на 20 јуни светот го одбележува Светскиот ден на бегалците – ден посветен на силата, отпорноста и храброста на милиони луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови поради војна, насилство, прогон или повреди на човековите права.
Оваа година, глобалната кампања на УНХЦР „Додека сите не бидат безбедни“ (Until Everyone Is Safe) испраќа јасна порака: правото на безбедност е основно човеково право. Безбедноста значи многу повеќе од физичка заштита – таа значи пристап до права, правда, образование, здравствена заштита и можност секој човек достоинствено да го продолжи својот живот.
Речиси 15 години Македонското здружение на млади правници (МЗМП), како партнер на УНХЦР во Северна Македонија, работи на обезбедување пристап до правда и заштита на правата на бегалците, барателите на азил, лицата со потреба од меѓународна заштита и лицата без државјанство.
Во рамки на ова партнерство, МЗМП обезбедува бесплатна правна помош и правно советување, поддршка во постапките за азил и регулирање на статусот, застапување пред надлежните институции, како и активности за унапредување на правната рамка и институционалните практики.
Низ годините, тимот на МЗМП беше покрај луѓето во некои од најважните моменти од нивниот живот – кога барале заштита, кога се соочувале со правна неизвесност или кога им била потребна поддршка за остварување на основните права. Нашата работа е водена од уверувањето дека секој човек заслужува да биде слушнат, заштитен и третиран со достоинство.
Светскиот ден на бегалците е потсетник дека зад секоја приказна за напуштен дом стои човек со надеж за сигурност, припадност и нов почеток.
МЗМП останува посветено на заштитата на правата на бегалците и сите лица на кои им е потребна меѓународна заштита, продолжувајќи ја својата мисија за еднаков пристап до правда за сите.
Затоа што никој не е вистински безбеден, додека сите не бидат безбедни.
