Остварувањето и заштитата на човековите права не може да се замисли без пристап до ефикасна и квалитетна правна помош. За жал, голем број лица немаат пристап до правна помош или пак тој пристап е значително отежнат поради сиромаштија, ниско ниво на образование, социјална исклученост или дискриминација. Неможноста да добијат правна помош преку која би ги оствариле своите права кои им припаѓаат согласно меѓународното и националното право ги затвора овие лица во магичен круг од кој не можат да излезат со што нивната ранливост, маргинализираност и висок социјален ризик само се зголемува.
Како организација основана од правници, Македонското здружение на млади правници, почитувајќи го едно од основното начело на правничката професија – никој поради сиромаштија да не остане без правна помош, е посветена на обезбедување квалитетна правна помош. МЗМП обезбедува правна помош на: сиромашни лица, лица жртви на повреди на човекови права и дискриминација, баратели на азил, бегалци, лица без државјанство и деца.
Правната помош вклучува обезбедување правни информации и правни совети, а таму каде е потребно и застапување во судски и управни постапки.
Правната помош МЗМП ја дава преку својот тим од 24 правници од кои 13 со положен правосуден испит, а во случаите каде е потребно застапување, МЗМП соработува со повеќе од 20 адвокати низ целата територија на државата.