Пишувањето и создавањето на анализи и истражувања во МЗМП, од трите програми, се развива како последна, но не е и помалку важна. МЗМП започнува да продуцира пишани документи малку подоцна од обезбедувањето на правна помош и правна едукација. Но, благодарејќи на другите две програми, МЗМП се здобива со многу релевантни податоци и статистики кои решава дека е најдобро да ги искористи за лобирање и застапување на интересите и целите за кои здружението всушност работи.
Она што сакавме е пред сè, гласот на нашите корисници да се чуе, а за нивните правни проблеми да се прочита и да се поттикне дебата кај релевантните институции. Па така, преку изготвување на правни мислења, истражувања и анализи на темите на кои здружението работи, МЗМП стана релевантен фактор во креирањето на јавното мислење во однос на теми како бесплатна правна помош, дискриминација, азил и миграции итн.
Денес, МЗМП е дел од многу работни групи за измени, дополнувања и носење на нови законски решенија, работни тела и национални комисии кои раководат со програми како трговија со луѓе, заштита на права на лица без државјанство итн., а бројот на пишани документи од 1 до 2, сега прерасна од околу 20 до 30 годишно.
Пред нас претстои воспоставување на конкретни правила за пишување и креирање на стандарди кои секој пишан документ од здружението кој треба да се објави ќе ги исполнува. Ова ќе придонесе кон објавување на уште поквалитетни анализи и истражувања, чии податоци ќе се користат во изнаоѓањето и креирањето на соодветни законски и подзаконски решенија за сите правни проблеми со кои нашите корисници се соочуваат.