Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

МЗМП и Министерството за дигитална трансформација ја проширија соработката за практикантска работа и професионален развој на младите правници

Македонското здружение на млади правници и Министерството за дигитална трансформација потпишаа Анекс на постојниот Меморандум за соработка, со кој подетално ја уредуваат соработката во рамки на Програмата за практикантска работа и предвидуваат пошироки можности за заеднички активности насочени кон младите правници и студентите по право.

Во фокусот на соработката е поврзувањето на правното образование со практичното искуство. Преку практикантска работа во Министерството, учесниците ќе можат да стекнат различни знаења и вештини, да работат со менторска поддршка и непосредно да се запознаат со работата во областа на дигиталната трансформација.

Практично искуство со менторска поддршка

Согласно Анексот, практикантската работа се организира во циклуси од три месеци, освен ако страните поинаку не се договорат. МЗМП објавува јавен повик и го спроведува изборот на практиканти, земајќи ги предвид нивните интереси и потребите на Министерството. Во рамки на расположливите средства обезбедени за Програмата, МЗМП обезбедува и месечен надомест за практикантите.

Министерството обезбедува просторни и технички услови за практичната работа, назначува ментор и им доделува на практикантите работни задачи од своите области на работа. Практикантите ќе бидат запознаени и со правилата за заштита на личните податоци, доверливоста и безбедноста на информациите.

Програмата има цел да ги зајакне професионализмот, стручноста и интегритетот на младите правници, да го поттикне нивното активно вклучување во општествениот живот и да им ја олесни транзицијата кон пазарот на труд.

Поширок простор за учење, истражување и младински иницијативи

Покрај практикантската работа, Анексот предвидува соработка преку размена и пренос на знаења, едукативни активности и заеднички развој на иновативни дигитални решенија и иницијативи.

МЗМП и Министерството ќе можат да организираат обуки, работилници, предавања, дебати и јавни трибини за младите правници, студентите по право и пошироката јавност. Темите опфаќаат дигитална трансформација, човекови и дигитални права, заштита на личните податоци и приватноста, сајбер-безбедност и користење на електронските услуги.

Соработката опфаќа и поддршка на младите правници и студентите по право при спроведување иницијативи, истражувања, анализи и проекти од областа на дигиталната трансформација и дигиталните права. Оваа поддршка може да се остварува преку стручни консултации, размена на знаења и искуства, пристап до јавно достапни информации и ресурси, како и учество во работни групи.

Со проширувањето на соработката, се создаваат дополнителни можности младите да го надградуваат своето правно знаење, да стекнуваат професионално искуство и активно да придонесуваат во областите во кои правото се поврзува со дигиталната трансформација.

Ги повикуваме заинтересираните кандидати да го разгледаат јавниот повик и да се пријават за учество во Програмата за практикантска работа.

Условите, потребните документи и начинот на пријавување се достапни во јавниот повик.

Програмата за практикантска работа се спроведува во рамки на проектот „Јакнење на идните правни лидери за владеењето на правото во дигиталната ера“, кој го спроведува Македонското здружение на млади правници (МЗМП) со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.