Човековите права претставуваат основни права и слободи кои му припаѓаат на секое лице во светот, подеднакво, од раѓањето па сè до смртта. Тие се гарантираат, без разлика на тоа од каде едно лице доаѓа, во што верува или како избира да го живее својот живот. Тие никогаш не можат да бидат одземени, а се темелат на заеднички вредности како достоинство, непристрасност, правичност, еднаквост, почит и независност.
Овие права се гарантирани со многубројни национални и меѓународни инструменти. Основните права и слободи, како и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Како највисок правен акт на државата, Уставот дефинира листа на слободи и права, а со ратификуваните меѓународни договори како дел од внатрешниот правен поредок, се дава можноста за вклучување на дополнителни слободи и права кои не се предвидени во Уставот.