Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Анти-дискриминацијa

Дискриминација претставува секое постапување што предизвикува нееднаков третман, кое не е легитимно и пропорционално основано, на начин што одредено лице или пак одредена група се исклучува, ограничува или пак се дава предност во уживање на основните права и слободни засновани врз одредени лични обележја (дискриминаторски основи).

 

Нашите активности

 

Македонското здружение на млади правници во областа на заштита од дискриминација активно работи од 2009 година.  Првично, со изготвување извештај за потребата од донесување на Законот за заштита од дискриминација, а по донесување на истиот обезбедување на правна помош и градење на позитивна пракса заснована на стратешко застапување на потенцијалните жртви од дискриминација пред надлежните судски органи и активности за подигнување на јавната свест. Во 2014 година Македонското здружение на млади правници ја доби првата судска одлука во државата која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Истата година МЗМП ја доби и втората пресуда во државата со која се утврдува дискриминација а која е прва од областа на работните односи.

Бесплатна правна помош

 

МЗМП нуди бесплатна правна помош и застапување на жртви на дискриминација пред надлежните институции, судови и меѓународни тела. Со помош на здружението се поведоа повеќе од 70 постапки. Оваа активност придонесува да се воспостави пракса во институциите и судовите за заштита на повреда на правата настанати како последица на дискриминација. МЗМП преку стратешкото застапување ги охрабрува и им помага на граѓаните да пријават дискриминација и преземат мерки до надлежните домашни и меѓународни институции и судски органи за заштита од дискриминација. Постапките се однесуваат на дискриминација во различни области и по различни основи согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, други закони  и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Истражувања и политики

 

МЗМП активно работи на истражување за правната заштита од дискриминација во Република Северна Македонија со  прибирање на информации од институциите за тоа како се применуваат законските решенија и механизмите за заштита од дискриминација кои им се на располагање на граѓаните, односно жртвите на дискриминација. Здружението изготвува различни анализи на проблемите со посочување на начини на решавање на истите и студии на случаи на предмети за заштита од дискриминација.

 

Aнализите и правните мислења од областа на заштита од дискриминација се достапни на следниов линк.

Правни тренинзи

 

МЗМП, постојано одржува обуки од областа на заштита од дискриминацијата за правници и практичари во Република Северна Македонија ставајќи посебен акцент на меѓународните трендови и Европската конвенција за човековите права. Во изминатите години одржавме обуки за голем број на адвокати и млади правници. МЗМП во соработка со Македонски полициски синдикат одржа и низа обука на членовите на синдикатот а се со цел зголемување на сензитивноста меѓу полициските службеници за прашањата кои се однесуваат на еднаквоста како основно право.

Позначајни пресуди:

Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост. Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од Уставот на Република Македонија.

Основниот суд Скопје II Скопје, врз основа на постапка поддржана од МЗМП, ја донесе и втората пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, прва од областа на работните односи. Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост и дискриминација по основ на виктимизација, во однос на остварување на правата од работен однос поради неисплаќање на плата и уплата на придонеси.

Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на интелектуална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со интелектуална и телесна попреченост.

Управниот суд Скопје донесе Пресуда со која се уважува тужбата на тужителот и се поништува Решение на Министерството за правда, кој како второстепен орган го потврдил решението на Управата за водење на матичните книги и го одбил тужителот за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.

Основниот суд Скопје II Скопје,   донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи. Оваа пресуда е прва со која се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност во работните односи.

Основниот суд Скопје II Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Општина како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работата и работните односи. Со пресудата се забранува преземање на понатамошни дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација.

Апелациониот суд Скопје, во постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува повреда на правото на тужителката на еднаква можност и третман со вршење на дискриминација по основ на родителство – бременост. Апелациониот суд Скопје, ја потврди Пресудата на Основниот суд Куманово, со која се утврдува дека тужените го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и третман, односно извршиле дискриминација по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно  родителство – бременост.

Апелациониот суд Битола донесе пресуда со која утврди дека Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација Прилеп извршиле дискриминација спрема тужителите, со тоа што не им овозможиле пристап до чиста и здрава вода за пиење. Според Судот, тужените, Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација, не успеале да докажат дека не извршиле дискриминација, и поради тоа ја усвоил тужбата. Со ова Судот непосредно и правилно го применил правилото според кое товарот на докажување дали постои или не дискриминација е на страната на тужените, не на тужителите.