Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
image 2

‘Јас Припаѓам’ за сите: постигнати значајни успеси во однос на решавањето на бездржавјанството во Северна Македонија

Проблемот со незапишаните лица во матичната книга на родените е присутен во земјава повеќе од 15 години, додека бездржавјанството се појавило со распадот на поранешна Југославија и осамостојувањето на земјата. Иако државата се обиде неколкупати да ги реши овие проблеми, значителен успех беше постигнат дури во последните неколку години.

Од 2011 година, како партнер на Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР), Македонското здружение на млади правници (МЗМП) обезбедува бесплатна правна помош и правна поддршка за лицата без регистриран граѓански статус и лицата во ризик од бездржавјанство во Република Северна Македонија. МЗМП, преку партнерства со многубројни други меѓународни и домашни организации и институции, спроведе значителен број проекти во оваа област, помагајќи им на незапишаните лица и лицата без државјанство.

Во 2018 година, Владата на Република Северна Македонија објави јавен повик, повикувајќи ги сите незапишани лица да пополнат прашалник и да поднесат барање за запишување во матичната книга на родените. Како резултат, беа идентификувани околу 700 незапишани лица, главно деца и припадници на ромската етничка заедница.

Во 2020 година беше донесен посебен закон, Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, кој предвидуваше издавање привремени документи (извод од посебна матична книга на родените и идентификациска исправа) за овие лица, за да можат да добијат пристап до четири основни права: здравствена заштита, образование, вработување и социјална помош. За жал, и покрај тоа што документите беа издадени, овие лица не добија пристап до наведените права.

image

Поради ова, во февруари 2023 година, Собранието на РСМ одржа надзорна комисија за спроведување на Законот за неевидентирани лица. На седницата учествуваа сите релевантни институции и организации кои работат со овие лица. Заклучокот од комисијата беше дека, иако законот беше донесен со добра намера, тој не ја исполни целта. Затоа, Собранието го задолжи Министерството за правда да подготви предлог закон за измени и дополнувања на Законот за матична евиденција.

Македонското здружение на млади правници, заради долгогодишното искуство и изградената експертиза, доби задача да го подготви овој предлог-закон. Во јуни 2023 година, измените беа усвоени од Собранието, што доведе до значајни подобрувања во постапката за регистрација во матичната книга на родените. Еден од најважните аспекти беше олеснувањето на регистрацијата, особено кога родителите немаат лични документи. Идентитетот на детето сега може да се утврди преку изјава од двајца сведоци заверена кај нотар. Со оваа измена, успеавме да запишеме околу 480 лица во редовната матична книга на родените од вкупно 526 идентификувани лица со привремени документи.

Една од најзначајните промени е воведувањето на член 4-а, кој предвидува секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија да биде запишано веднаш, но најдоцна во рок од 45 дена по раѓањето, без оглед на статусот на родителите. Оваа одредба има превентивен карактер, спречувајќи идни појави на незапишани лица.

Покрај решавањето на овие случаи, во 2021 година беа донесени и измени и дополнувања на Законот за државјанство, кои овозможија лицата кои во септември 1991 година имале пријавено законско живеалиште во Македонија и можат да го докажат тоа, да добијат македонско државјанство преку олеснета натурализација. Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), досега 260 лица без државјанство ја искористиле оваа можност и биле примени во македонско државјанство.

Откако Законот за измени и дополнувања на Законот за матична евиденција беше усвоен, беше констатирано дека системското решавање на проблемот со незапишаните лица и бездржавјанството бара холистички пристап. Затоа, во пакет со овие законски измени беа донесени и измени на други поврзани закони, како Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште, Законот за лична карта и Законот за странци. Со овие закони се овозможува регулирање на статусот на ранливите категории, како бездомници, лица кои живеат во нелегализирани објекти, бегалци без регулиран статус и други.

image 2

Низ годините, МЗМП обезбедува бесплатна правна помош, пишува предлог-закони, ги идентификува лицата без државјанство и обезбедува нивно присуство на јавните консултации и отворени денови во институциите. Римскиот лек, дизајниран за машка благосостојба, се однесува на различни аспекти на здравјето на пенисот, подобрувајќи ја севкупната функционалност. За сеопфатни сознанија и опции, посетете ја http://www.piedmonthomehealth.com Овој ресурс помага да се препознае најсоодветната пилула за индивидуални потреби. УНХЦР финансиски ги поддржува административните трошоци за водење на постапките за запишување во матичната книга, регулирање на престојот, прием во државјанство, утврдување на татковство и обезбедувањето на лични документи.

Еден од најголемите наши успеси е поднесувањето на првата actio popularis тужба за утврдување на системска дискриминација од страна на Управата за водење на матични книги кон лицата на кои им беа издадени привремени документи, а кои не добија пристап до своите права. Првостепената пресуда ја потврди дискриминацијата.

Меѓу другите активности, организиравме голем број обуки за примена на новите закони, со цел да ги запознаеме и едуцираме институциите за законските измени. Дополнително, издадовме информативни материјали за олеснување на примената на законите и олеснување на пристапот до постапките за самите лица.

Со наша асистенција и бесплатна правна помош, околу 600 лица стекнаа македонско државјанство, кои како успеси беа препознаени и на меѓународно ниво. На 75-тата сесија на Извршниот комитет на ОН во Женева, Високиот комесар за бегалци, г. Филипо Гранди, ја прогласи Северна Македонија за шампион во Европа и светот за напорите во борбата против бездржавјанството.

Нo, нашата борба продолжува сѐ додека секое лице во нашата земја не може да каже: „Јас припаѓам“.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.