Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

“Мамa, од што се плашиш најмногу?”

“Мамa, од што се плашиш најмногу?”, ме праша мојатa 4 годишна ќерка.

Секако, прво на ум ми дојде да кажам болест или смрт на најблиски, но веднаш си помислив, најмногу се плашам да бидам приморана да избегам и да го напуштам својот дом.

Се плашам од чувството да треба целиот живот да го спакувам во еден ранец. Ранецот ќе го носам на грб, а децата?! Кое дете ќе го носам јас, а кое сопругот? Судбината на моите деца може да зависи од тоа на чиj грб ќе се најдат. Потоа си помислив, а што би се случило доколку некое од моите две деца се разболе додека бегаме? Во моментов можам и во три часот по полноќ да го однесам на лекар ако е потребно. Си замислив- три часот по полноќ, а ние скриени во некоја шума со дете кое има треска? Се згрозив. Сé што сме изградиле, сите желби и соништа да пропаднат во миг и да се молам само да сме живи и здрави. Колку ли е тешка таа планина?

Бегалец може да биде секое лице кое бега поради страв од прогон поради неговата вера, раса, националност, припадност на одредена социјална група или политичко уверување. Луѓето бегаат и од војни и конфликти. Се почесто се случува луѓето да станат бегалци и поради природни непогоди предизвикани од климатски промени и катастрофи кои директно ги засегаат.

Глобалниот договор за бегалците (превод од компакт) потврден од огромно мнозинство во Генералното собрание на ОН во декември 2018 година, директно се однесува на оваа растечка загриженост. Климата, деградацијата на животната средина и катастрофите сé повеќе се во корелација со двигателите на движењата на бегалците.

Најголемиот дел од бегалците всушност бегаат во соседните земји, а на светско ниво држави кои примиле најмногу бегалци моментално се Турција, Иран и Колумбија. Всушност, 76% од вкупниот број бегалци бегаат во земји со низок или среден приход. Често се запрашувам дали луѓето се свесни што значи да си бегалец.

Ајде да се замислиме за момент како е да се биде во чевлите на еден бегалец.

„Јас сум Дамса и живеам во Авганистан. Авганистан е најопасната земја за една жена во моментов. Жените тука се континуирано лишени од секакви права, прогонувани и дискриминирани. Имам 17 години и седам на прозорот гледајќи ги моите браќа како одат на училиште. Зарем Талибанците водат војна со жените, се запрашувам. Обожував да носам цветни фустани, но сега мора да се облекувам во црно од глава до пети и лицето мора да ми биде покриено на јавно место. Не можам да учам, не можам да работам и мора да седам дома, а смеам да излезам само во случаи на неопходност. Неопходност? Дали се смета за неопходност ако само сакам да се прошетам да купам нешто, бидејќи дома го изгубив разумот? Пред една година можев тоа слободно да го направам, а сега од необјасниви причини не смеам?! Не смеам да одам подалеку од дома ако не сум придружена од маж, а ако немам никаква придружба се повеќе ми се забранува пристап до основни услуги. Еднаш во неделата, тајно и со голема храброст одам во подрумот на сосетката која држи часови по англиски јазик на девојки како мене. Едвај го чекам тој ден. Веројатно ризикувам со животот, но што друго ми остана. Сакам да избегам, но не знам каде, со кого и како. Многу се плашам.”

Факт: Моментално во Авганистан постои голема хуманитарна криза. Милиони луѓе се соочуваат со глад и мизерни услови за живот во услови на децениски конфликт, недостаток на основни средства за живот, економски колапс и климатски шокови. Tалибанците издадоа бројни декрети кои ги спречуваат жените и девојките да ги користат нивните основни права и слободи меѓу кои слобода на изразување, слобода на движење, работа, образование и многу други. Потребна им е помош на 24 милиони луѓе внатрешно во Авганистан и на 5.7 милиони луѓе надвор од границите, претежно во соседните земји.

„Јас сум Јолаин и доаѓам од Демократската Република Конго. Бев присилена да се омажам на 15 години и ми беа осакатени гениталните органи. Неколку пати бев силувана од непознати мажи. Тоа често им се случува на жените, мажите и децата во нашата земја. Иронијата е што кога некоја жена е силувана, ниеден маж не сака да биде со неа и тоа се смета за срам во општеството. Мојот маж беше земен од вооружена група да се бори со нив. Тој никогаш не се врати дома. Имам 3 деца. Работевме на нива кога дојде вооружена група и почна да не напаѓа. Почнаа да пукаат, а ние веднаш почнавме да трчаме и бегаме без да се свртиме назад. Јас земав две деца со мене, а третото беше поголемо, па само можеше да трча. Трчавме низ грмушките. Позади нас убија шестчлено семејство. Не знам од каде ја најдов силата. При пукањето го убија мојот најстар син. Мојата прва љубов.”

Факт: Во Конго постојано има насилство и секоја минута некоја девојка е силувана, продадена, малтретирана. Се проценува дека најмалку 52% од жените и девојчињата од Конго на возраст над 15 години доживеале физичко насилство во текот на нивниот живот. Владее голема сиромаштија, конфликти, инфериорност на жените, необразованост, детски бракови и други појави кои го зголемуваат степенот на непочитување на човековите права. Во некои делови има верување дека силување на бебе може да те ослободи од болестите.

„Јас сум Нур и живеам во Мјанмар каде сум и родена. Јас припаѓам на народот Рохинга. Една вечер седевме дома кога наеднаш се затресе земјата. Стотици војници го нападнаа нашето село. Се слушаше пискот и плач на деца. Упаднаа во нашата куќа и почнаа да ја палат. Ме зедоа мене, а децата останаа сами. Ме малтретираа и силуваа, а потоа ме фрлија на нива како да сум ѓубре. Потоа дознав дека децата ми ги убиле. Повеќе не сакам да живеам. Дојде мојот братучед, ме префрли на грб и ме носеше до Бангладеш, а јас бев цела во крв. Таму имаше многу бегалци. Илјадници луѓе расплакани и гневни, а јас безволна за живот. Нé сместија во шатори, но постојаните врнежи уништија голем дел од нив. Кон крајот на годината, силни монсунски дождови го опустошија регионот Кокс Базар во Бангладеш, убивајќи неколку бегалци и погоди повеќе од 21.000 други бегалци. Се проценува дека 3.800 засолништа беа оштетени или уништени, а 13.000 бегалци беа принудени привремено да се преселат. Едвај се справувавме со временските прилики. По некое време изби и пожар и дел од луѓето загинаа. Си помислив зошто и јас не бев дел од нив?”

Факт: Во Мјанмар, Rохинга малцинството е најпрогонуваното малцинство во целиот свет. Рохингите претрпуваaт децениско насилство, дискриминација и прогон. Тие се најголемата група на лица без државјанство во светот. Нивниот најголем егзодус започна во август 2017 година, откако избувна масовниот бран на насилство во државата Ракин во Мјанмар, принудувајќи повеќе од 700.000 луѓе – од кои половината деца – да побараат засолниште во Бангладеш. Цели села беа изгорени до темел, илјадници семејства беа убиени или разделени и беа пријавени масовни прекршувања на човековите права.

Се обидов само за момент да сфатам колку е тешка реалноста со која се соочуваат бегалците. Но, реалноста е уште посурова. Не можам ни да замислам колку им е тешко на овие луѓе- луѓе како мене, тебе, твојата мајка, брат, сосед. И затоа размисли секој пат кога слободно одиш на доктор, во банка, на работа, ги поздравуваш децата пред училишниот двор или пак бираш со кого ќе живееш во заедница, слободно и без притисок. Колку е убаво да се живее таков живот, нели? Дали ти сакаш да бидеш Дамса, Јоалин, Нур или било кој од 108.4 милиони лица присилно раселени лица? Ни на сон.

Теодора Ќосевa Костадиновска

Правник и офицер за застапување во Македонско здружение на млади правници

„Мама од што се плашиш најмногу?” e првиот од низа на авторски текстови кои вработените во МЗМП ќе ги споделат со јавноста во наредниот период. Во овој текст, сведоштвата кои се споменати се фиктивни, но се втемелени врз вистински сведоштва кои ги читаме и слушаме во редовни извештаи и стории за бегалците.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.