Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Почина нашиот сограѓанин Мемет Камбер, дваесетгодишник кој не доби право да има права

На дваесетгодишна возраст од нетретиран дијабетес тип 1 почина Мемет Камбер, млад човек кој не успеа да добие лична карта, а со тоа и право за здравствена заштита, поради административни пречки, неусогласеност на закони и подзаконски акти со конвенции, како и поради општа институционална негрижа за лицата без лични документи.

Прераната смрт на Тони Сали кој цела деценија водеше битка за да добие извод на раѓање и здравствена книшка не беше доволна за да ја зацврсти волјата за брзо и ефективно решавање на оваа горлива состојба, да не се случи уште еднаш.

Прашањето кое се поставува одново и одново е зошто сеуште имаме сограѓани без лични документи, кои не може да се школуваат, лекуваат, патуваат и живеат сигурно и безбедно, кои живеат без државјанство или во ризик од бездржавјанство?

Македонското здружение на млади правници долги години работи на заштита и унапредување на правата на овие лица преку правна помош и застапување со поддршка на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) , а во нашата пракса се истакнуваат две правни ситуации поради кои дел од нашите сограѓани не можат да добијат лични карти и правен идентитет, а со тоа и стануваат невидливи за општеството.

При барање за издавање на прва лична карта се бара да се обезбеди присуство на родител/старател како што е предвидено во упатството на Министерството за внатрешни работи. Укажуваме дека ова барање предвидено во упатството не е во согласност со законот за лична карта и правилниците, а МВР мора што поскоро да предвиди ситуации во кои лица како Мемет Камбер кои не се во можност да обезбедат присуство на родител или старател од најразлични причини, да имаат можност да добијат лична карта, а со тоа и пристап до здравствена и социјална заштита и други права.

Втората правна ситуација се однесува на лица кои што живеат во импровизирани живеалишта и нелегализирани објекти и не може да пријават адреса на живеалиште, а со тоа и да добијат лични документи. Државата не смее да ги ограничува луѓето во пристап до права поради нивната економска и социјална положба. Во голем број земји лицата што немаат сопствен дом пријавуваат живеалиште на адреса на најблискиот центар за социјални работи.

По години застапување повторно и повторно апелираме да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација. Правото на лични документи е основен предуслов за остварување на сите права, не смееме да ги заборавиме нашите сограѓани, мора да ставиме крај на бездржавјанството сега.

Чувствуваме неизмерна тага и загуба за прерано и неправедно завршениот живот на Мемет Камбер и сочувствуваме со неговите блиски и сакани. Неговата смрт е уште еден страшен потсетник дека живеењето без лични документи претставува ризик по самиот живот.

Северна Македонија е многу блиску до ставање крај на бездржавјанството. Бараме од сите чинители да ги преземат потребните чекори за оваа година да се стави крај на бездржавјанството- за ниту еден живот повеќе да не биде загубен заради немање пристап до услуги од витално значење. Правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита

Секој има право на правен идентитет кој му дозволува пристап до права и услуги.
Секој има право да каже ЈАС ПРИПАЃАМ. Кренете го вашиот глас и придружете ни се во повикот да се стави крај на бездржавјанството сега!

#IBelong #ЈасПрипаѓам

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.