Сеп
25
2026
Правото на образование во ВПД Тетово – Волковија: постигнат напредок и предизвици за неговиот континуитет
Во Воспитно-поправниот дом Тетово – Волковија започна втората по ред учебна година согласно измените на Законот за основното образование. Особено нè радува што оваа година наставата започна со физичко присуство. Се надеваме дека овој почеток ќе прерасне во траен континуитет во остварувањето на правото на образование на децата во воспитно-поправните установи.
Колку е значаен тој континуитет покажува посебниот извештај на Народниот правобранител за остварувањето на правото на образование во Волковија во учебната 2025/2026 година. Состојбата беше следена во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамките на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија.
По долгогодишно отсуство на формално образование во установата, наставата започна на 1 октомври 2025 година. Основното образование се одвиваше преку комбиниран модел, со физичко присуство на наставниците и настава од далечина, а беше организирано и средно образование. Според извештајот, учебната година завршила успешно: децата редовно ја посетувале наставата, покажале интерес и напредок, а добивањето свидетелства дополнително ги мотивирало.
Наставниците и воспитувачите забележале напредок во читањето и пишувањето, но и во концентрацијата, соработката и секојдневното однесување на децата. Нивните искуства потврдуваат дека пристапот до образование значи многу повеќе од совладување на наставната програма — тој отвора можности за личен развој и продолжување на образованието.
Извештајот укажува и на предизвиците што треба да се решат за наставата да се одвива без прекини. Меѓу препораките се навремено обезбедување наставен кадар и финансиски средства, подобра интернет-врска, разгледување можност за повеќе часови со физичко присуство и воспоставување механизам што ќе им овозможи на децата да го продолжат образованието и по напуштањето на установата.
За МЗМП, почетокот на новата учебна година е охрабрувачки чекор. Потребно е институциите да обезбедат услови секое дете во воспитно-поправна установа да учи, да напредува и да добие формално признание за својот труд — секоја учебна година, без прекин.