Сеп
22
2026
МЗМП достави извештај до ГРЕВИО за спроведувањето на Истанбулската конвенција во Северна Македонија

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) достави извештај до Групата експерти за акција против насилството врз жените и семејното насилство – ГРЕВИО, како придонес кон следењето на спроведувањето на Истанбулската конвенција во Северна Македонија.
Извештајот го опфаќа периодот од 2023 до 2026 година и се темели на искуството на МЗМП во обезбедувањето бесплатна правна помош, стратешкото застапување, истражувањето на судската практика и мониторингот на постапувањето на институциите.
Иако во земјата е постигнат напредок во воспоставувањето на правната и институционалната рамка за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, наодите на МЗМП укажуваат дека сè уште постои значителен јаз меѓу формално предвидените механизми и заштитата што жртвите ја добиваат во практиката.
Извештајот се осврнува на повеќе области:
- заштитата на жените кои бараат меѓународна заштита и препознавањето на родово заснованото прогонување;
- институционалниот одговор насочен кон правата, безбедноста и потребите на жртвата;
- препознавањето и заштитата на децата изложени на семејно насилство како жртви;
- процената на ризикот, координацијата меѓу институциите и обезбедувањето итна заштита;
- пристапот до правда и бесплатна правна помош;
- задолжителното помирување во бракоразводните постапки во случаи на семејно насилство;
- дигиталното родово засновано насилство;
- превенцијата и образованието;
- практичната достапност на специјализираните услуги и засолништата;
- собирањето и објавувањето податоци за родово заснованото насилство.
МЗМП особено укажува дека децата кои сведочат или живеат во средина со семејно насилство мора доследно да бидат препознаени и заштитени како жртви. Процената на ризикот треба да биде континуиран процес што ќе води кон навремени и конкретни мерки, а институционалните надлежности не смеат да предизвикуваат одложување или празнини во заштитата.
Во делот за пристап до правда, МЗМП препорачува бесплатната правна помош да биде достапна и за постапките што непосредно произлегуваат од насилството, како што се разводот, издршката, домувањето и имотните прашања. Се препорачува и укинување на задолжителното помирување во бракоразводните постапки кога е пријавено или утврдено семејно насилство.
Посебно внимание е посветено на дигиталното родово засновано насилство. И покрај воведувањето ново кривично дело за злоупотреба на снимки со сексуално експлицитна содржина, потребни се дополнителни законски измени, зајакнати капацитети за истрага, доверливи и достапни канали за пријавување, како и ефикасни механизми за брзо отстранување на штетната содржина од интернет.
Препораките во извештајот се насочени кон создавање систем во кој законите, постапките и услугите ќе обезбедуваат навремена, достапна и ефективна заштита, приспособена на реалните околности и потреби на жените и децата погодени од насилство.
Целосниот извештај на МЗМП, поднесен до ГРЕВИО на англиски јазик, е достапен подолу:
Преземете го извештајот – „Report of the Macedonian Young Lawyers Association (MYLA) to GREVIO“