Апр
29
2026
МЛАДИНСКА ШКОЛА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ И ЛОКАЛЕН АКТИВИЗАМ

Млади гласови, конкретни чекори: 21–24 април 2026, Скопје
Учесници од: Скопје · Штип · Битола · Струга · Крива Паланка · Центар Жупа
Школата за родова еднаквост и локален активизам обедини седум млади луѓе од шест различни општини, со различни искуства и позадини, но со заедничка љубопитност и потреба да разберат повеќе. Во текот на четири дена, тие отворија теми кои ретко се именуваат гласно и ги претворија во разговори и идеи кои што водат кон нешто конкретно. Чекор по чекор, стана јасно дека промената не е нешто далечно, туку нешто што почнува токму локално, таму каде што веќе живеат и делуваат.



„Нашата улога е да им дадеме можност на младите да ја разберат својата улога во општеството и да ги поттикнеме критички да ги преиспитуваат одлуките што се однесуваат на нив.“
— Маја Атанасова, обучувачка на школата
Школата започна со прашањата за родот, заедницата и местото што секој го има во нив. Преку разговори за родови норми и стереотипи, учесниците ги отворија сопствените искуства и постепено ги поврзаа со пошироки општествени процеси. Оттука природно се отвори и прашањето: што значи да се делува локално и каде, всушност, почнува промената.
Следниот ден беше посветен на темите што најчесто остануваат неискажани. Во простор на доверба, се зборуваше за нееднаквости кои ретко добиваат јавно внимание. Учесниците експериментираа со различни комуникациски формати: од reels до кампањски пораки, барајќи начини како да се отвори разговор што ќе допре до заедницата и ќе поттикне реакција.
Третиот ден градот стана текст што треба да се чита. Преку интерактивна прошетка низ Скопје, учесниците ги набљудуваа инфраструктурата, безбедноста и симболите, препознавајќи дека јавниот простор не е неутрален, туку јасно ги отсликува општествените односи и приоритети.
Последниот ден го донесе преминот од размислување кон акција. Идеите што се развиваа во текот на школата добија форма: како иницијативи, мали интервенции или почетни чекори. Учесниците вежбаа како да ги артикулираат, да препознаат сојузници и да го направат првиот чекор во своите заедници.



„Едно мое уверување кое се зајакна во последниве денови е дека единствениот начин да создадеме подобро општество е преку колективна грижа и меѓусебна поддршка.“
— Лора Захариевска, учесничка
Школата формално заврши, но она што се отвори во тие денови не застанува тука. Секој замина со нешто свое: идеја што веќе има прв чекор, луѓе на кои може да се потпре и појасно чувство дека промената не е далечна или апстрактна. Таа е возможна, опиплива и почнува токму таму каде што секојдневието веќе се случува во сопствената заедница.
Школата беше организирана како дел од проектот „Менторство во правосудството и младински ангажман за родова еднаквост“, кој го имплементира Центарот за правни истражувања и анализи во партнерство со Македонското здружение на млади правници, со поддршка на Швајцарија преку CIVICA Mobilitas.