Координативен состанок за спречување насилен екстремизам: Зајакнување на институционалната и граѓанската соработка
На 2 и 3 јуни 2025 година, во хотел „Сириус“ во Струмица, Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, организираше координативен состанок посветен на унапредување на меѓусекторската соработка во справување со радикализацијата и насилниот екстремизам.
На настанот учествуваа претставници од МЗМП, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Плеиадес, Нексус, Центарот за заедничка основа, Центарот за толеранција и ненасилство, како и претставници од Националниот комитет, Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Министерството за внатрешни работи (МВР), Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ), Агенцијата за разузнавање и Министерството за образование и наука (МОН).
Граѓанските организации ги презентираа реализираните активности и постигнатите резултати во рамки на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“, поддржан од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедницата – GCERF во првата половина од годината, како и планираните активности до крајот на годината.
Националниот координатор, г. Павле Трајанов, во своето обраќање ја нагласи важноста на координирано делување на 22 државни институции во рамки на Националниот комитет. Тој истакна дека институциите успешно ги спроведуваат своите активности, и дека постои стабилна и ефективна соработка со граѓанскиот сектор. Посебен акцент беше ставен на значењето на „мекиот пристап“ во превенцијата на радикализацијата и екстремизмот, како и на потребата од континуирана работа со локалните заедници.
Дополнително, беше разговарано за воспоставување локални контакт-точки, институционализација на психосоцијална и правна поддршка, и интензивирање на меѓусекторската комуникација, особено во процесите на ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција на повратници и нивните семејства.
МЗМП останува посветено на развивање инклузивни политики и практики за превенција од радикализација, во партнерство со институциите и граѓанските организации, базирани на почитување на човековите права и потребите на заедниците.