
ВТОРА ПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ГРАНИЧЕН ПРЕМИН
Апелациониот суд во Битола на 04.02.2016 година донесе Пресуда со која ја потврди пресудата на Основниот суд Битола каде е утврдено дека тужениот – Министерство за внатрешни на Република Македонија, го повредил правото на слобода на движење со недозволување тужителот да ја премине државната граница, со што биле повредени честа, угледот и достоинството на тужителот, кој е лице од Ромска националност.
Судот се повикал на Уставот на РМ според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ова е втора правосилна пресуда поддржана од МЗМП со која се утврдува дискриминација и ограничување на правото на слободно движење на лицата од Ромска национална припадност.
Постапката е поведена во рамки на проектот „Дискриминација на граничните премини“. Случајот го водеше адвокат Емил Паришко од Битола.
Иако постојат и други пресуди во РМ со кои се утврдува дискриминација и ограничување на правото на слобода на движење на лицата од ромска национална припадност, во други случаи во рамки и на истите судови има пресуди со кои за иста или слична ситуација не е утврдена дискриминација. Дел од предметите се процесирани пред Европскиот суд за заштита на човековите права.