Промоција на анализата “Пристап на жените до правда”
Здружението за еднакви можности „Еднаков пристап“ во соработка со Македонското здружение на млади правници, на 19 октомври 2016 година ја промовираше анализата „Пристап на жените до правда“.
Анализата има за цел да ја идентификува состојбата со пристапот до правда на жените со посебен фокус на жените жртви на родово засновано насилство и да ги воочи законските и процедурални пречки и практики кои се однесуваат на пристапот до правда на жените во сите сегменти на општественото живеење.
Според истражувањето, најголем е бројот на кривичните постапки за кривичното дело Телесна повреда при вршење на семејно насилство – член 130 став 1 и 2 од Кривичниот законик и Загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство – член 144 став 1 и 2, додека чест проблем е откажување на жртвите на семејно насилство од постапките против сторителите поради праксата во која најчесто се упатуваат на граѓанска постапка.
Анализирајќи го пристапот до правда, авторите заклучуваат дека иако во РМ постои широка правна рамка со која се овозможуваат еднакви можности на жените и мажите во различни области од општественото живеење, сепак постои недоволна примена на постоечките закони.
Друга причина која го оневозможува и/или отежнува пристапот на жената до правдата е дискриминацијата која постои кон жената, а која е заснована на родови стереотипи, стигма, патријахални норми и родово засновано насилство.
Како начини да се унапреди пристапот до правда за жени, анализата ги посочува: поголемата информираност, намалување на географската оддалеченост на институциите, пониските судски трошоци, поедноставни правни процедури.
Конечно, потребно е да се забрза постапката за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилство врз жената и домашно насилство т.н. Истанбулска конвенција, односно да се пристапи кон натамошно доусогласување на Кривичниот законик на РМ со Истанбулската Конвенција.
Анализата е изработена од страна на Јованка Тренчевска, Светлана Цветковска, Тања Кикерекова и Јасна Оровчанец- Аранѓеловиќ, во текот на 2015 . Истата вклучува квалитативна анализа на документи и информации добиени од Основните судови во РМ користејќи го Законот за пристап до информации од јавен карактер, интервјуа со полустуктуриран прашалник на стручни лица, анкета спроведена на граѓани.
Анализата може да преземете тука.