Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Соопштение за медиумите – Раселен 1 процент од човештвото: Извештај на УНХЦР Глобални трендови

УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, денес испраќа апел до земјите низ светот да преземат многу повеќе за да најдат домови за милиони бегалци и други лица раселени поради конфликти, прогон и настани кои сериозно го нарушуваат јавниот ред. Извештајот издаден денес покажува дека присилното раселување во моментов опфаќа повеќе од 1% од човештвото – 1 на секои 97 луѓе – а сè помалку од оние кои бегаат имаат можност да се вратат дома.

Извештајот на УНХЦР Глобални трендови, што излегува два дена пред 20 јуни – Светскиот ден на бегалците, покажува дека досега неповторени 79,5 милиони лица биле раселени на крајот на 2019 година. Досега УНХЦР нема забележано толку висока бројка.

Извештајот исто така забележува намалување на можностите за бегалците да се надеваат на брз крај на нивните страдања. Во 1990 години, во просек 1,5 милиони бегалци имале можност да се вратат дома секоја година. Во последната деценија овој број се намалил на 385.000, што значи дека порастот во раселувањата во денешно време за многу ги надминува решенијата.

„Сведоци сме на изменета реалност во која присилното раселување не само што е далеку пораспространето, туку и веќе не е краткотраен и привремен феномен”, рече Филипо Гранди, Висок комесар на ОН за бегалци. „Не може да се очекува од луѓето да живеат во состојба на немир без престан со години, без можност да си одат дома, ниту пак надеж да изградат иднина каде што се наоѓаат. Потребен ни е нов основен и поприфаќачки став кон сите луѓе кои бегаат, придружен со многу поодлучно делување во насока на решавање на конфликтите кои траат со години и се изворот на овие огромни страдања.”

Извештајот на УНХЦР Глобални трендови вели дека од 79,5 милиони луѓе кои биле раселени на крајот на минатата година, 45,7 милиони се луѓе кои побегнале во друга област на сопствената земја. Останатите се луѓе раселени на други места, а од нив, 4,2 милиони чекаат одлуки за барања за азил, додека 29,6 милиони се бегалци и други присилно раселени лица надвор од својата земја. Растот во периодот од една година од бројката од 70,8 милиони на крајот на 2018г. е резултат на два главни фактора. Првиот фактор се загрижувачките новираселувања во 2019г., особено во Демократската Република Конго, Сахел, Јемен и Сирија – од кои последната земја се наоѓа во десеттата година на конфликт и од неа доаѓаат 13,2 милиони бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени лица, или една шестина од вкупниот број во светот.

Вториот фактор е подобриот увид на ситуацијата на Венецуелците надвор од нивната држава, каде многумина не се правно заведени како бегалци или баратели на азил, а на кои им се потребни механизми за заштита.

Овие бројки содржат и бројни индивидуални и многу лични кризи. Меѓу раселените има повеќе деца (проценката е 30-34 милиони, од кои десетици илјади се непридружувани), отколку, на пример, целата популација на Австралија, Данска и Монголија заедно. Во меѓувреме, соодносот на раселените лица на и над 60 годишна возраст (4%) е далеку помал од оној на светската популација (12%) – статистика која зборува за неизмерното страдање, очај, жртва и присилна разделба од саканите.

8 нешта кои треба да ги знаете за присилното раселување денес: 

− Во последната деценија, најмалку 100 милиони луѓе биле приморани да побегнат од своите домови барајќи заштита во или надвор од својата земја. Бројот на луѓе кои побегнале е поголем од бројот на целата популација на Египет, 14-тата најнаселена земја во светот.
− Присилното раселување е речиси удвоено од 2010 година (41 милион тогаш, наспроти 79,5 милиони сега).
− 80% од раселените лица во светот се во земји и територии засегнати од сериозен недостаток на храна и неухранетост – од кои многу земји се соочуваат со ризици од климатски и природни катастрофи.
− Повеќе од три четвртини од бегалците во светот (77%) се заглавени во ситуации на долгорочно раселување – како на пример, ситуацијата во Авганистан, сега во својата петта деценија.
− Повеќе од 8 на секои 10 бегалци (85%) се наоѓаат во земји во развој, најчесто земји кои се граничат со онаа од која побегнале.
− Две третини од лицата раселени надвор од границите доаѓаат од пет земји: Сирија, Венецуела, Авганистан, Јужен Судан и Мјанмар.
− Извештајот Глобални трендови ги вбројува сите поголеми популации на раселени лица и бегалци, вклучувајќи ги и 5,6 милиони палестински бегалци кои спаѓаат под грижата на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА).
− Заложбата за Одржлив развој 2030 – „никој да не биде изоставен”, сега и експлицитно ги вклучува бегалците, благодарение на новиот индикатор за бегалци одобрен од Комисијата за статистика на ОН во март годинава.

Забелешка:
Извештајот на Глобални трендови на УНХЦР излегува паралелно со годишниот Глобален извештај, кој известува за активностите кои УНХЦР ги презема за да одговори на потребите на сите луѓе приморани да бегаат, како и светските познати популации без државјанство.

Целосното соопштение за медиуми на македонски јазик може да го погледнете на  UNHCR Press Release 18 June 2020 Global Trends MAC

Целосното соопштение за медиумите на англиски јазик е достапно тука.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.