Сеп
18
2026
Реакција на МЗМП- Не смее да се укине законската рамка за контаминираните подрачја


Македонското здружение на млади правници (МЗМП) реагира на предложените измени на Законот за животната средина, доставени до Собранието на 4 септември 2026 година, со кои се предвидува бришење на членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г – одредби што ја воспоставуваат законската основа за идентификување, следење и санација на контаминираните подрачја.
Со нивното бришење се ризикува повторно создавање правна празнина во справувањето со едни од најсериозните еколошки проблеми во државата.
Во земјата постојат повеќе еколошки „жешки точки“, наследени од поранешни индустриски капацитети и рудници. Во Планот за управување со отпад за периодот 2021–2031 година се идентификувани седум вакви локации, меѓу кои ОХИС, Лојане и Југохром. И покрај одамна утврдените ризици, проблемот со најголемиот дел од овие локации останува нерешен. Југохром е конкретен пример зошто овие одредби се неопходни. Депонијата со шестовалентен хром во Јегуновце претставува ризик за почвата, површинските и подземните води. Во барањето кое што МЗМП ќе го испрати до пратениците се предупредува дека загадените води можат да го загрозат и изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува Скопје.


Токму за да се избегне несистемското постапување со ваквите локации, во 2022 година беа воведени законски одредби со кои се воспоставија правила за нивно идентификување, следење и санација. Тие предвидуваат и обврска во идните договори за концесија да се вклучи санација на контаминираното подрачје преку посебен план за ремедијација.
Со предложеното бришење се ризикува укинување и на оваа обврска, со што концесионерите би можеле да ги искористат економски исплатливите материјали, а проблемот со загадувањето повторно да остане на товар на државата и граѓаните.
МЗМП веќе предупреди на овие последици.
По објавувањето на Нацрт-законот на ЕНЕР во март 2025 година, доставивме коментари со барање да се задржат одредбите за контаминираните подрачја. На доставените коментари не добивме одговор.
Дополнително загрижува што предложеното бришење се вклучува во закон чие образложение се повикува на усогласување со Директивата 2014/52/ЕУ. Оваа директива се однесува на оцената на влијанието врз животната средина, додека предложеното бришење на одредбите за контаминираните подрачја не е поврзано со нејзиното усогласување.
*Фотографиите се преземени од Мета.мк и Трн.мк