Клучна судска пресуда за Ромите во ризик од бездржавјанство во Северна Македонија
Скопје, Брисел, 17 јули 2025 – Основниот граѓански суд во Скопје објави првостепена пресуда на 8 јули 2025 година со која се одбележува значаен чекор кон заштитата на правата на нерегистрираните лица во Северна Македонија, особено на Ромите . Колективната тужба беше поднесена од Европскиот центар за права на Ромите (ERRC) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) против Министерството за правда – Управа за водење матичните книги – Скопје, оспорувајќи го неговиот неуспех да го спроведе Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, што резултирало со системска исклученост и дискриминација на Ромите и други лица запишани во „Посебната матична книга на родени“ кои добиле идентификациски документ што им го ускратува еднаквиот пристап до правата во Северна Македонија. Со пресудата се наложуваат итни и проактивни институционални реформи со цел да се обезбеди универзален пристап до упис во матичната евиденција и лични документи за сите граѓани, без оглед на нивното етничко потекло и статус.
„Оваа пресуда го потврдува она што го велиме со години: проблемот никогаш не беше само во документите, туку во дискриминаторските системи што ги држат Ромите исклучени. Привремените лични карти и ‘специјалните статуси’ не се доволни – Ромите мора да бидат признати како еднакви граѓани со целосен и безусловен пристап до нивните права. Правдата е предолго одложувана, време е институциите да дејствуваат,“ изјави Сенада Сали, правна директорка на ERRC.
„Иако во меѓувреме беше изменет Законот за матична евиденција и лицата запишани во Посебната матична книга на родени добија редовен упис, оваа пресуда има особена тежина. За првпат, судот недвосмислено утврдува дека институционалната неактивност претставува форма на системска и продолжена дискриминација од потежок облик – дискриминација што со години го одржуваше овој проблем во живот и непропорционално ги погодуваше Ромите.
Ваквата судска одлука претставува важен преседан што испраќа силна порака до сите надлежни институции – дека признавањето на законски утврдените права не смее да зависи од етничка припадност, социјален статус или лични околности. Институциите се должни да постапуваат навремено, одговорно и со целосна примена на законите, особено кога се работи за деца, при што нивниот најдобар интерес мора секогаш да биде водилка.
Како здружение, остануваме посветени на трајно решавање на проблемот со правната невидливост и бездржавјанството и ќе продолжиме да ги користиме сите достапни правни механизми сè додека и последниот случај не биде конечно решен.“ изјави Бојана Божиновска Силјановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Позадина: Ромите лишени од права поради недостаток на лична документација
Системските пропусти во уписот во матичните книги во Северна Македонија историски непропорционално ги погодуваат Ромите, лишувајќи ги од пристап до лична документација и изложувајќи ги на ризик од бездржавјанство. Оваа состојба главно се однесува на Роми кои имаат потешкотии да го докажат своето место и време на раѓање, често немаат лични карти, живеат во неформални населби или структури, или се бездомници без постојана адреса. Како последица, Ромите без соодветна лична документација стануваат правно невидливи за државата, со што се соочуваат со пречки при пристап до вработување, здравствена и социјална заштита, домување и инфраструктура.
Истражувања на ERRC и други организации покажуваат дека бездржавјанство кај Ромите во Северна Македонија не постои само како последица на војните во регионот, туку претставува резултат на простран институционален расизам кој ги исклучува Ромите од уписот и на тој начин од основните јавни услуги.
Во 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени со цел да се овозможи основен пристап до права и правен идентитет на поединци кои се исклучени од матичната евиденција поради административни пречки. Сепак, перзистентните пропусти во неговото спроведување оставија многумина со неадекватен „посебен извод од матична книга на родени“ или специјална лична карта – документи кои не овозможуваат целосен и еднаков пристап до образование, здравство, социјална заштита и вработување, со што се продолжува исклучувањето, особено на Ромите. Овие проблеми беа посочени од ERRC уште во 2020 година, пред усвојувањето на законот.
Наместо тоа, обврска на властите е да обезбедат редовна регистрација по службена должност во рок од 30 дена по добивање на привремената документација. Во пракса, тие не ја исполнуваат оваа обврска. Дополнително, привремените документи не ги исполнуваат своите цели и често не се признаени, што значи дека нeрегистрираните лица не можат да ги користат за пристап до услугите за кои се предвидени.
ERRC и МЗМП поднесоа колективна тужба на 11 ноември 2022 година против Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги- Скопје, во име на лицата запишани во Посебната матична книга на родени кои добиле лична идентификациска исправа. Овие лица, претежно Роми, се лишени од основни права поради неадекватна и нефункционална лична документација. Дополнителна претставка беше поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која во 2023 година донесе мислење со кое наложи реформи по трагичната смрт на 20-годишниот ромски млад човек Мемет Камбер, кој не можеше навремено да добие медицинска помош поради пречки предизвикани од немање соодветна лична карта.
Наоди на судот
Судот утврди дека Министерството за правда извршило и директна и индиректна дискриминација врз граѓани Роми кои се соочуваат со потешкотии при регистрација на својот граѓански статус. Судот утврди повторена и продолжена директна дискриминација кон сите лица од „посебната матична книга“ кои добиле привремени лични документи, поради нивниот маргинализиран статус, лични карактеристики и социјална положба. Судот исто така констатираше индиректна дискриминација – односно последици од наводно неутрални политики кои непропорционално погодуваат одредени групи – посебно Ромите поради нивната етничка припадност.
Судот заклучи дека Министерството било несовесно во својата обврска да ги префрли лицата од посебната во редовната матична книга. Поради тоа, и покрај тоа што добиле привремени лични документи, овие лица не можеле да ги остварат своите основни права како што се образование, здравство, социјална заштита и вработување. Судот оцени дека овие бариери се поврзани со вкоренета социјална исклученост и непропорционално влијаат на Ромите и други маргинализирани заедници, што ја покажува системската природа на дискриминацијата.
Со пресудата се наложува надлежните органи да ги отстранат административните и правните бариери за упис во матичната евиденција, да усвојат ефективни мерки за обезбедување еднаквост при уписот, да се осигура дека националните политики се усогласени со меѓународните стандарди и препораки за бездржавјанство, и посебно да се обезбеди инклузија на Ромите и други маргинализирани групи во сите напори за универзален пристап до упис и лична документација.
Судот го задолжи Министерството конкретно по службена должност да покрене постапка за дополнителен упис во матичната книга на родени за сите лица запишани во Посебната матична книга на родени кои добиле лична исправа, согласно Законот за матична евиденција, и да донесе решенија за упис во рок од 30 дена од денот на правосилноста на пресудата.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на Северна Македонија учествуваше во постапката како amicus curiae (пријател на судот), давајќи стручно мислење и доставувајќи меѓународни извештаи кои го потенцираат континуираното исклучување на Ромите од матичната евиденција и основните права.
Првичната судска пресуда беше донесена на 2 септември 2024 година, но беше објавена дури 10 месеци подоцна, на 8 јули 2025 година. Пресудата е предмет на жалба пред повисок суд.
За повеќе информации или за да договорите интервју, контактирајте ги:
Бојана Божиновска Силјановска
Претседателка
Македонско здружение на млади правници
+389 71 336 076
Џонатан Ли
Директор за застапување и комуникации
Европски центар за права на Ромите
jonathan.lee@errc.org
+32 49 288 7679
Сенада Сали
Правна директорка
Европски центар за права на Ромите
senada.sali@errc.org
+32 497 67 60 12