Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ СО ПОДДРШКА ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗАПОЧНУВААТ ИНИЦИЈАТИВА ЗА СЕОПФАТНО УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАВДАТА ЗА ДЕЦАТА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Слика од екранот 2025 06 19 124508

Скопје, 19 јуни 2025 – Македонското здружение на млади правници (МЗМП), со финансиска поддршка од Европската Унија, спроведува проект кој има за цел унапредување на системот за правда за децата, преку воведување на практични механизми за заштита и усогласување со меѓународните и европските стандарди. Проектот со наслов „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“ се спроведува во периодот јануари 2025 – декември 2026, и опфаќа три стратешки компоненти: зајакнување, следење и застапување

Клучни активности и цели:

Преку директна правна и психосоцијална поддршка, проектот ќе обезбеди:

  • бесплатна правна помош за деца во ризик, деца жртви и деца сторители на кривични дела, со цел реална примена на Законот за правда за децата, како и нивно зајакнување за права и обврски
  • правно застапување за деца во полициски постапки, особено во случаи каде што постојат потешкотии при назначување бесплатен адвокат од страна на државата;
  • едукативни програми за животни вештини во воспитно-поправни установи и институции за социјална заштита, како алатка за ресоцијализација, личен развој и поддршка.

Проектот, исто така, се фокусира на системско следење на примената на законите што се однесуваат на децата, вклучувајќи го и Законот за правда за децата и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Со тоа ќе се идентификуваат предизвиците во постојната примена и ќе формулираат препораки за нивно навремено подобрување.

Дополнително, МЗМП ќе понуди асистенција и поддршка на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца во развој на индикатори кои ќе овозможат следење на Законот за правда за деца заради креирање релевантни годишни извештаи и предлози за унапредување на политиките, засновани врз податоци. Во областа на застапување, проектот вклучува:

  • проценка и предлози за подобрување на пристапот до образование во институции за деца;
  • подготовка на документ за јавна политика за воведување на Барнахус моделот во земјата како мултидисциплинарен пристап кој ги обединува полицијата, правосудството, социјалните и здравствените служби под еден покрив, со цел заштита на интересите на детето;
  • организација на заеднички средби меѓу судии за деца и стручни служби за воедначување на судската пракса при изрекување мерки и/или санкции кон деца;
  • техничка и логистичка поддршка на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за креирање локални акциски планови на општински совети за превенција на детско престапништво, со фокус на општините Пробиштип, Бутел и Охрид, како и воспоставување на модел за менторство.

Апел за партнерство и ангажман

МЗМП нагласува дека овие активности не се еднократна интервенција, туку сериозна и долгорочна заложба секое дете да има еднакви шанси, еднаква заштита и достоинствен третман, независно од неговата положба во системот.

„Нашата цел е да изградиме систем кој не само што ќе ги штити правата на децата, ќе ја прилагоди правдата кон нив, туку и ќе ги препознае како активни носители на права, со глас што треба да се слушне. Тоа можеме да го постигнеме само преку соработка, професионалност и усогласување со меѓународните стандарди.“

Затоа, ги повикуваме сите релевантни институции, креатори на политики, професионалци од областа на правдата, социјалната и образовната заштита, како и граѓанското општество, да се вклучат активно во процесот на трансформација на правдата за децата.

Само со заедничка работа можеме да изградиме праведен, достапен и човечки систем – во вистинска служба на децата.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.