МАКЕДОНСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА МЛАДИ ПРАВНИЦИ СВЕДОЧЕШЕ НА ПРВАТА НАДЗОРНА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО ЗА ЕФЕКТИТЕ ОД АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО
На покана на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Македонското здружение на млади правници имаше свое сведочење на Надзорната расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ која се одржа на 25 февруари 2025 година.
МЗМП, следејќи ја практиката на Европскиот суд за човековите права кој во повеќе пресуди утврдил дека загадувањата на животната средина доведуваат до повреда на човековите права, од 2019 година иницираше повеќе судски постапки. Со жалење констатираме дека досегашната практика на македонските судови укажува дека не е обезбедена ефикасна заштита на човековите права кои се повредени како резултат на аерозагадувањето и неспроведувањето на македонското законодавство од оваа област, ниту пак има утврдување правна одговорност за државните институции поради неподготвување, односно недонесување на стратешките документи кои се пропишани согласно националното законодавство. Во понатамошниот дел од сведочењето МЗМП се осврна на неколку клучни предизвици во поглед на спроведувањето на законодавството и политиките од областа на животната средина и квалитетот на воздухот.
Еден од клучните недостатоци е немаме функционален систем на стратешко управување и заштита на животната средина и квалитетот на воздухот. Поконкретно последниот Национален акциски план за животна средина бил со важност до 2012 година, а последниот Национален план за заштита на амбиентниот воздух на Република Северна Македонија бил со важност до 2018 година. Истовремено само 6,25% од општините во државата имале важечки локални акциони планови за животна средина во периодот 2016-2023 година и исто толкав процент од општините формирале тело за следење на спроведувањето на овие планови, а од друга страна општините се соочуваат со предизвици и во спроведувањето на планските документи од Законот за квалитетот на амбиентниот воздух. Начелата на претпазливост, превенција и интегрираност, во суштина укажуваат дека се преземаат сите неопходни мерки за да не дојде до надминување на граничните вредности на загадувачки супстанци. Поради тоа сметаме дека неопходно е изготвување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на националните и локалните стратешки документи од оваа област.
Државната мониторинг мрежа се соочува со предизвици во однос на податоците кои се обезбедуваат и потребно е нејзино унапредување. Пристапот до целосни и веродостојни податоци е неопходно за соодветно да се планираат потребните мерки и да се изготвуваат стратешките документи. Од друга страна плановите за квалитет на воздухот се изготвуваат, односно мерките од краткорочните акциони планови се применуваат кога ќе се идентификува надминување на граничните вредности за концентрација на одредени честички во воздухот. Истражувањето на МЗМП во периодот од 2020 година покажува дека на пример мерните инструменти за PM 10 честички на мерната станица Битола 1 не давале податоци за среднодневни вредности 187 дена во 2019 година, а истите мерни инструменти на мерната станица Битола 2 не давале податоци 192 дена во 2019 година. Истовремено процентот на добиени информации за среднодневни концентрации на PM 10 и PM 2,5 честички од сите мерни станици кои се дел од државната мониторинг мрежа се намалил во 2023 во споредба со 2022 година. Поконкретно, податоците од месечните извештаи од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбитнениот воздух, покажуваат дека на пример процентот за добиени податоци за среднодневни вредности на PM 10 честички од 91,27% во 2022 година се намалил на 77,55% во 2023 година, додека за PM 2,5 честички од 88,73% во 2022 година се намалил на 71,94% во 2023 година.
Потребно е унапредување на институционалната рамка за справување со аерозагадувањето. Следењето, развојот и планирањето на политиките во областа на животната средина, вклучително и квалитетот на воздухот, треба да го врши Министерството за животна средина и просторно планирање, додека стручните работи, како на пример издавање дозволи, одобрување на елаборати и студии и слично, го врши Управата за животна средина како орган во состав на МЖСПП. Доколку се види Правилникот за внатрешна организација на Министерството за животна средина и просторно планирање може во суштина да се заклучи дека кај Управата за животна средина се вброени надлежности кои значат креирање на политики (на пример во Секторот за води е изрично наведено дека ги изготвува националните стратешки документи). Истражувањето кое МЗМП го спроведе во 2022 година укажа дека иако 84% од предвидените работни места во Секторот за води во Управата за животна средина се исполнети 83% од вработените сметаат дека систематизацијата не обезбедува доволно вработени за соодветно извршување на работите, а половина сметаат дека нивните работни обврски не се јасно дефинирани поради несоодветната организациска структура. Иако истражувањето се однесува на Секторот за води, сметаме дека истата ситуација е применлива во сите сектори и одделенија во Министерството и Управата. Од друга страна, во Државниот инспекторат за животна средина има само 17 инспектори за животна срединa, кои го вршат инспекцискиот надзор над инсталациите кои имаат А-интегрирани еколошки дозволи и елаборати за заштита на животната средина одобрени од МЖСПП, додека пак ситуацијата со овластени инспектори за животна средина на локално ниво е уште посериозна.
По добиените прашања од пратениците, посочивме дека во судските постапки иницирани од МЗМП поврзани со аерозагадувањето тужени се Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и градот Скопје, односно општина Битола, но исто така имаме иницирано постапки против МЖСПП, општина Струга и Јавното комунално претпријатие „Комунално“ за неправилното управување со отпад и „дивата депонија“ во Струга која влијае на човековите права, но и постапки пред Управниот суд за неподготвување стратешки документи од областа на водите против МЖСПП. Тужбите пред граѓанските судови се отфрлени, но МЗМП не се согласува со применувањето на процесното право од страна на судовите и смета дека тие имаат надлежност да одлучуваат во поведените постапки, па поради тоа една од постапките е веќе пред Европскиот суд за човековите права поради повреда на членот 6 од Европската конвенција за човековите права, односно пристапот до суд. Немаме информација дека начелниот правен став на Врховниот суд до сега е применет во практиката, но во правната фела се водат дебати околу начинот на кој треба да биде применет. Истакнавме за недостатоците во казнената политика и преовладувачкиот број парични казни наспрема затворски казни за кривичните дела против животната средина, притоа што повеќето кривични постапки се однесуваат на условно кажаните „полесни кривични дела“ од оваа глава од Кривичниот законик.
Укажавме дека недостатокот на стратешки документи очекувано е да придонесе до мал ефект за подобрување на квалитетот на воздухот поради немање долгорочно планирање и следење на спроведувањето на политиките. МЗМП ја посочи практиката на судовите во Франција кои навлегуваат во оценување на ефикасноста на донесените плански и стратешки документи, при што постои судска практика во Франција каде на државните органи им се наложува да донесат нови, ефикасни плански документи. МЗМП реагира на неспроведувањето на националното законодавство преку иницирање судски случаи секогаш кога тоа е можно, но истовремено е и партнер на државните институции па во изминатиот период имаме воспоставено соработка со МЖСПП за изработка на подзаконски акти од областа на водите и ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023.
Потребата од одвојување на поголеми финансиски средства од буџетот на државата е клучно за да имаме ефикасно спроведување на законодавството, а со самото тоа и ефикасно подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина. Финансиските средства треба да се вложат во подобрување на опремата, инфраструктурни проекти, зголемување на капацитетите на вработените лица во инспекторатите и министерствата и зголемување на бројот на инспектори во Државниот инспекторат за животна средина.
Македонското здружение на млади правници и понатаму останува посветено на следење на спроведувањето на политиките од областа на животната средина и користење на правните механизми за унапредување на заштитата на човековите права и животната средина. Здружението е отворено за соработка со сите државни институции и несебично ќе го даде својот придонес во насока на подобро спроведување на националното и меѓународното законодавство и унапредена заштита на човековите права.