КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА „САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ И ЗАШТИТА НА ПРИВАТНОСТА НА ИНТЕРНЕТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“
На 31 мај, во Скопје, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ја одржа конференцијата на тема „Сајбер безбедност и заштита на приватноста на интернет во Република Северна Македонија“. Овој настан беше значаен форум кој ги обедини релевантните институции и граѓански организации со цел да се посвети внимание на сите важни прашања поврзани со заштитата на приватноста на интернет.
Конференцијата започна со воведните обраќања на Александра Цветановска, претседателка на МЗМП, и Арбен Гудачи, технички менаџер во АБА РОЛИ. Тие ги истакнаа значењето и неопходноста за заштита на приватноста на интернет како основни предуслови за сигурност и развој во дигиталната околина.
САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТА КАКО КЛУЧНА КОМПОНЕНТА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИВАТНОСТА
На првиот панел дискутираа проф. Методи Хаџи-Јанев и раководителот на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦРТ), Севдали Селмани. Дискусијата беше фокусирана на актуелните предизвици и стратегии за обезбедување на сајбер безбедност и заштита на приватноста на интернет во државата. Панелистите ја истакнаа неопходноста за подобрување на инфраструктурата и подигнување на капацитетите за справување со безбедносните ризици и инциденти во сајбер просторот како клучни за развојот и безбедноста на целиот дигитален екосистем.
Подигнувањето на свеста и капацитетите на институциите е од суштинско значење за создавање безбедна дигитална околина и заштита на правото на приватност на сите граѓани. За да се обезбеди сигурност и доверба во дигиталниот простор, неопходно е да се ревидираат интерните акти и да се усогласат со новите законски прописи, како и редовно да се прегледуваат безбедносните мерки.
ЗАШТИТАТА НА ПРИВАТНОСТА ВО ДИГИТАЛНИОТ ПРОСТОР ВО РАЦЕТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Конференцијата продолжи со вториот панел на кој дискутираа Љубица Пендароска, меѓународна експертка, Емилија Гиноска, советничка за информирање во Агенцијата за заштита на личните податоци и Азамела Чуљевиќ, началничка на Одделението за истраги за злоупотреби на интернет при Секторот за компјутерски криминал (МВР). На панелот беа презентирани клучните наоди на анализата Заштита на дигиталната приватност – анализа на легислативата и практиката во Република Северна Македонија и пошироко. Панелистите исто така се осврнаа и на улогата на институциите во насока на заштита на приватноста на граѓаните во дигиталниот простор и ја истакнаа потребата од институционално зајакнување.
Преку зголемување на независноста на Агенцијата за заштита на личните податоци, пречистување на застарените национални закони и усвојување на национално законодавство во согласност со европските директиви може да се обезбедат услови за подобрена заштита на приватноста на интернет во државата.
НЕДОСТАТОК НА СВЕСНОСТ И ЗНАЕЊЕ ЗА ПРИВАТНОСТА НА ИНТЕРНЕТ ПОМЕЃУ МЛАДИТЕ
Последниот панел се фокусираше на потребата од активности насочени кон младите со цел да го подигнат нивото на свесност и знаење за заштита на приватноста на интернет. На темата дискутираа Мартина Дранговска Мартинова, проектна координаторка во МЗМП, Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, советничка во Бирото за развој на образованието при МОН и Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум (МОФ). Тие презентираа различни иницијативи и програми кои имаат за цел да ја зголемат дигиталната писменост помеѓу младите.
Младите луѓе имаат сериозен недостаток на знаење за важноста на приватноста и заштитата на личните податоци на интернет. Според истражувањата на МЗМП, однесувањето на интернет на младите често не е во согласност со најдобрите практики за заштита, а тие исто така не се добро запознаени со мерките што треба да ги преземат во случај на нарушување на нивната приватност на интернет.
КАМПАЊАТА „ПРИВАТНОСТА Е БЕСЦЕНЕТА. ЗАШТИТИ ГО ТВОЈОТ ДИГИТАЛЕН СВЕТ“ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ИНФОРМИРА И ЕДУЦИРА МЛАДИ
Кампањата на МЗМП, која започна на Европскиот ден за заштита на личните податоци, 28 јануари 2024 година преку профилот Приватноста е бесценета постигна значителни резултати. Младите активисти кои беа дел од кампањата одржаа повеќе работилници со средношколци, изведоа герила акции кои го привлекоа вниманието на јавноста и креираа различни дигитални содржини од едукативен карактер. И покрај завршувањето на проектот, кампањата ќе продолжи со своите иницијативи за зајакнување на свесноста за важноста на заштитата на приватноста на интернет помеѓу младите луѓе и нивните родители.
ИДНИТЕ ЧЕКОРИ ВКЛУЧУВААТ И ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА РАМКА
Во рамките на проектот, спроведовме сеопфатна анализа на постојните политики и законодавство поврзани со дигиталната приватност во државата. Документот за јавни политики „Кон подобрена заштита на дигиталната приватност во Република Северна Македонија“ кој е заснован на претходната анализа, ќе биде доставен до релевантните собраниски и владини тела со цел да се поттикнат реформите потребни за подобра заштита на правото на приватност во дигиталната околина.
Конференцијата се одржа како последна активност од проектот „Приватноста на прво место: Зајакнување на свесноста, застапувањето и дигиталните права помеѓу младите во Северна Македонија“, поддржан од Американската адвокатска комора – Иницијатива за владеење на правото (АБА РОЛИ). МЗМП го спроведуваше проектот во изминативе десет месеци.