Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ–  ОВИЕ КОЛАЧИЊА НЕ СЕ ЗА ЈАДЕЊЕ!

Во ера доминирана од дигитални интеракции, грижата околу заштитата на нашите лични податоци е есенцијална. Во суштина, заштитата на личните податоци подразбира обострана интеракција на инволвираните страни: корисникот на веб страната и сопственикот на истата. Оваа статија посветува внимание на креирањето политики на приватност, со главен фокус на сопствениците на веб страни.

Несомнено е дека сопствениците на веб страници мора да утврдуваат т.н. „политика за приватност“, како „чувари“ на податоците на своите корисници. Претходното произлегува оттаму што, сопствениците на веб страници сакаат да ја задржат својата репутација и имиџ, а воедно таквите политики се неопходни и за изградба на доверба со нивните корисници. Еден интегрален дел од оваа политика е транспарентната комуникација за тоа како се користат колачињата на една веб страница.

  1. Разбирање на колачињата: што претставуваат интернет колачињата?

Колачињата се мали текстуални датотеки, кои се сместуваат во вашиот компјутер или мобилен телефон од страна на веб страниците кои ги посетувате. Овие текстуални датотеки можат да бидат прочитани од веб страниците кои ги посетувате и да помогнат во вашата идентификација кога повторно ќе ја отворите веб страницата. Колачињата се користат за повеќе цели, како на пример за да се запомнат вашите активности и преференции – или со други зборови, да се подобри вашето корисничко искуство (вклучувања, јазични преференции, големина на фонт или како да ви се прикажува страницата), за да се обезбеди персонализирана/приспособена содржина на веб страницата или да се прикаже навигациската историја на истата.

Кога се говори за интернет колачињата, важно е да се напомене дека во насока на што поголема заштита на корисниците, секоја веб страница поседува посебен документ за политиката на приватност. Kорисниците треба да се запознаат со таквата политика (истата да ја прочитаат), па врз основа на тоа да прифаќаат или да одбијат колачиња. Веб страниците најчесто прикажуваат банери за колачиња или „скокачки прозорчиња“ за да ги информираат корисниците за употребата на колачиња и да обезбедат опции за управување со преференциите. Во практика, тоа изгледа вака:

Слика 1: приказ на скокачки прозор (pop-up window) со политика на колачиња

  • Кои се ризиците од прифаќање на сите колачиња?

Ви се случило ли да ги прифатите сите интернет колачиња без да прочитате? Ако ја цените вашата приватност на интернет, бидете претпазаливи!

Скокачките прозорци за кои погоре зборував, со опција да се согласите со колачињата се толку вообичаени во последно време, што веројатно опцијата „Прифати“ ја кликате по инерција, само за да продолжите да сурфате безгрижно. Прашањето е, сепак, дали треба да се прифатат сите колачиња? Во повеќето случаи, кога посетувате веб страница за прв пат, се креираат интернет колачиња. Вашиот веб-прелистувач ги складира овие датотеки на уредот и кога следниот пат ќе ја посетите веб-локацијата, тој прифаќа колачиња и ги испраќа до својот мрежен сервер. Така, мрежните сервери можат лесно да ве идентификуваат вас и вашиот уред, да запомнат информации за вашите претходни посети и да ја направат страницата покорисна. Имајќи го тоа предвид, треба да се нагласи дека колачињата не се нужно лоши.  

Сепак, колачињата можат и да го следат корисничкото прелистување, да собираат лични информации и потенцијално да споделуваат податоци со компании за анализа без изрична согласност на корисникот. Ова може да предизвика загриженост за нарушување на приватноста и неовластен пристап до личните податоци. Затоа, иако колачињата можат да бидат корисни кога се користат соодветно, од суштинско значење за операторите на веб-страници е да ги спроведат политиките и да ја добијат согласноста на корисниците за користење на колачиња за осигурување на приватноста. Дополнително, корисниците треба да бидат свесни за нивните поставки за колачиња и да имаат опција за управување или блокирање на колачињата ако сакаат да имаат поголема контрола врз својата онлајн приватност.

Top of Form

  • Кои колачиња е препорачливо да се прифатат?

Строго неопходни колачиња

Овие колачиња го добиваат ова име бидејќи некои делови од веб-локацијата не можат да функционираат без нив. Тие ви дозволуваат да одржувате формулари, колички за купување и поставки за согласност, да се движите од една на друга страница и назад, или можност да останете најавени дури и ако ја напуштите страницата. Иако е добра идеја да ги прифатите основните колачиња, на повеќето сајтови нема да најдете начин да ги одбиете. Потребните колачиња може да се исклучат само со прилагодување на поставките на прелистувачот, но имајте предвид дека тоа ќе влијае на работата на страницата.

Колачиња потребни за перформанси (performance cookies)

Иако не е неопходно, можете да прифатите колачиња за перформанси или аналитика. Преку нив веб-локациите добиваат информации (анонимно), како на пример колку луѓе ги посетуваат, колку време поминуваат на нив, кои страници ги посетуваат и на кои линкови кликнуваат. Доколку сакате да ѝ помогнете на страницата да го подобри својот дизајн, содржина и функционалност, пожелно е да ги прифатите овие колачиња.

Функционални колачиња

Можете исто така да прифатите функционални или персонализирани колачиња. Овие колачиња им помагаат на веб-локациите да ги запомнат вашите преференции во однос на јазикот, временската зона, фонтот, ингеренциите за најавување итн., што исто така помага страницата да се вчитува побрзо. Иако овие колачиња не се од суштинско значење, тие го подобруваат вашето искуство со прелистување. Замислете дека треба да го избирате вашиот претпочитан јазик секој пат кога ќе посетувате страница што сте ја користеле некое време. Не мора да го компромитирате вашето искуство со прелистување со отфрлање на сите колачиња.

  • Како да управувате со поставките за колачиња? Препораки

Повеќето веб-локации ќе ви овозможат да прифаќате или одбиете колачиња. Меѓутоа, во некои случаи ќе сакате да ги прифатите само суштинските. Другите сајтови автоматски ќе инсталираат колачиња за вас без избор. Но, бидејќи сите веб-локации се обврзани со закон да ве известат и да ја добијат вашата согласност пред да складираат колачиња на вашите уреди, политиката за колачиња ќе ја најдете скриена некаде во скокачка порака. На пример, откако ќе ви биде претставена скокачка порака, можете да изберете опции за поставки и да ја најдете опцијата за исклучување на одредени видови колачиња.

Во принцип, пожелно е внимателно да ја процените политиката за колачиња на веб-локациите пред да ги прифатите. Некои јасно ја прикажуваат, но за други ќе треба малку да „ископате“. Друг начин за управување со вашите поставки е да ги прифатите само потребните колачиња. Можете да го направите ова со менување на поставките на вашиот прелистувач или инсталирање екстензии што можат да блокираат колачиња за следење. Исто така, можете да користите анонимен или приватен режим на прелистување за да управувате со вашите поставки. Овој режим на веб-локација зачувува колачиња со бришење откако ќе го затворите прозорецот. Сепак, можеби нема целосно да ги спречи веб-локациите да собираат информации за вас, особено ако не блокирате колачиња од трети страни во овој режим.

  1. Не сите од интернет колачињата се штетни или лоши, но прифаќањето на секое барање за колачиња не е ниту неопходно, ниту корисно.
  2. Одвојте време за да ги проучите барањата за колачиња. Иако прифаќањето на колачиња без воопшто да се прочита нивната политика заштедува време, сепак неопходно е да знаете какви дозволи и давате на конкретната веб-страна со нивното прифаќање!
  3. Запомнете, секогаш можете да имате непречено искуство со прелистување (сурфање на интернет) без да им дозволите на сите компании да ве следат онлајн.
Слика 2: Политика за колачиња на веб-страната на Државен управен инспекторат

За авторот: Бедри Османи е дипломиран правник на правниот факултет “Јустинијан Први” и во моментов е на мастер студии на катедрата за казнено право и процесно право на истиот факултет. Како млад активист, се ангажирал во граѓанскиот сектор за унапредување на младинската политика и активизам, со цел младите да бидат носители на одлуки и промени во општеството. Заменик претседател на младинската организација “ЈУНИТИ ЈОУТ” во Гостивар, како и набљудувач на граѓански и судски постапки во рамките на програмата на “Коалиција сите за правично судење” и “Хелсиншки комитет за човекови права”.

Текстот е напишан како дел од кампањата „Приватноста е бесценета. Заштити го твојот дигитален свет!“. Оваа иницијатива е посветена на зајакнување на дигиталната генерација со цел да ја преземе контролата врз своите лични податоци.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.