Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Злоупотребата на личните податоци низ судската практика на Основниот суд во Битола

Злоупотребата на личните податоци зема сé поголем замав, пред сé поради развојот на технологијата. Компјутерскиот криминал пројавува сé понови и поопасни облици. Такви се: кражба на податоци, кражба на идентитет, компјутерска измама, хакирање, оштетување на податоци, заразување со вируси, малициозни софтвери (Malware, Adware, Spyware, Virus, Worms, Ransomware, Trojan, Keylogger), како и социјален инженеринг (Phishing, Email Phishing, Smishing). Од овие причини се поставува и прашањето – дали има потреба од развивање на посебно информациско казнено право?

Сигурноста и тајноста на личните податоци се загарантирани со Уставот. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Исто така сигурноста и тајноста на личните податоци се загарантирани и со Законот за заштита на личните податоци. Во поглед на кривично-правната заштита, во Кривичниот законик е предвидено и посебно кривично дело со назив „Злоупотреба на лични податоци“.

Злоупотребата на личните податоци како кривично дело

Ова кривично дело го врши тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци. За ова кривично дело предвидена е парична казна или казна затвор до една година. Со истата казна се казнува и тој што ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета. Доколку ова кривично дело го врши службено лице на вршење на службата, тогаш станува збор за квалификуван облик на кривичното дело и се казнува со казна затвор од три месеци до три години. Обидот исто така е казнив. Доколку делото го стори правно лице, истото ќе се казни со парична казна.

Објект на дејствие кај ова кривично дело се личните податоци. Земајќи го предвид Коментарот на Кривичниот законик од Академик Владо Камбовски, под лични податоци се подразбираат факти врзани за личноста, нејзините својства, особини, карактеристики, склоности, интереси и слично. Поимот лични податоци ги опфаќа и фактите кои се однесуваат на семејните состојби и односи, како затворена сфера на приватност. Не претставуваат објект на дејствието податоци што се достапни на јавноста, како што се тие врзани за професијата на едно лице. На пример, не постои злоупотреба на лични податоци ако некој регистрира и обработува публикувани ставови и погледи на новинар или писател или ако анализира секому достапни податоци за работата на некој трговец и слично. Во однос на навлегување во компјутерски систем, објект на дејствието кај овој облик на делото е компјутерски информатички систем на лични податоци. При тоа, може да се работи за јавен или приватен информатички систем (на пример – системот на некоја приватна компанија).

Кривичната одговорност за злоупотребата на личните податоци низ практиката на Основниот суд во Битола

Во однос на судската пракса на Основен суд Битола, за целите на оваа статија, направено е истражување за периодот од 2019 година до 2022 година и издвоени се неколку повпечатливи пресуди од официјалниот сајт на судот каде што се објавуваат анонимизираните пресуди. Тоа се пресудите К-413/19; К-86/21; К-18/19 и К-470/19.

Имајќи ја предвид пресудата за издавање казнен налог К-470/19, обвинетиот ги искористил личните податоци: име, презиме и лични фотографии со кои се идентификувала оштетената, без нејзина согласност. Истиот го сторил тоа на начин што од нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук ги подигнал овие податоци и фотографии и ги поставил на неговиот профил. Во случајот од пресудата за издавање казнен налог К-18/19, обвинетиот без согласност на оштетените прибирал и користел нивни лични податоци. При тоа истиот на својот Фејсбук профил ги објавил нивните имиња и презимиња, заедно со износите на нивните месечни плати. Во однос на пресудата К-413/19, првообвинетиот како управител на второобвинетото правно лице ги искористил личните податоци: име, презиме, матичен број со кои се идентификува оштетениот, како субјект на личните податоци, без негова согласност. Обвинетиот го сторил тоа на начин што истите ги внел во Изјава и Табела од тендерска документација за јавна набавка.

Со овие дејствија, обвинетите сториле кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“. Во сите три случаи им била изречена алтернативна мерка – условна осуда. На истите му се утврдила казна затвор во траење од два месеци и истовремено се определило дека нема да се изврши ако обвинетите во рок од една година не сторат ново кривично дело. Единствено второобвинетото правно лице од пресудата К-413/19 било осудено на парична казна во износ од 100.000,00 денари.

За разлика од овие пресуди, со пресудата К-86/21 судот го ослободил обвинетиот од обвинение бидејќи не се докажало надвор од разумно сомневање дека истиот го сторил делото за кое се обвинува. Истиот бил обвинет дека на социјалната мрежа Фејсбук, на неговиот отворен профил, искористил лични податоци на оштетените лица. Бил обвинет дека тоа го сторил на начин што објавил прекршочен налог издаден од униформираните полициски службеници на кој јасно биле видливи личното име и презиме на службените лица. Судот го ослободи обвинетиот од обвинение поради тоа што во постапката не постоел доказ од кој со сигурност би можело да се утврди дека обвинетиот го сторил кривичното дело за кое се товари. За утврдување на тој факт потребно било да се утврди дали кривичното дело го сторил од неговиот мобилен телефон и од неговиот Фејсбук профил. Потребно било од страна на вешто лице да биде извршено вештачење за да се утврди тој податок. За утврдување на местото на сторување на делото било потребно да се утврди преку која ИП адреса е сторено кривичното дело. Времето на сторување требало да се утврди преку провајдерот кој е сопственик на таа ИП адреса. Исто така требало да се утврди дали Фејсбук профилот го користел обвинетиот. Како доказ во прилог на обвинението имало само фотокопија која судот не ја изведе како доказ.

Оправданоста на досегашните одлуки и потребни идни законски измени

Од извршените анализи се доаѓа до заклучок дека кривичното дело „Злоупотреба на лични податоци“ не е честа појава на подрачјето на Основниот суд Битола. За ова кривично дело овластен тужител е јавниот обвинител. Основното јавно обвинителство Битола, поради ниската казна предвидена за ова кривично дело, најчесто се одлучува до судот да достави предлог за издавање на казнен налог. Од истите причини судот изрекува и поблаги казни на обвинетите и тоа најчесто условна казна затвор во траење од два месеци со рок на проверка една година за физички лица, како и парична казна за правни лица. Ваквите одлуки се оправдани кога ќе се земе предвид казната која што е предвидена во Кривичниот законик за ова кривично дело. Сепак, поради фактот дека во современата информатичка ера можностите за злоупотреба на личните податоци се мултиплицираат, потребни се измени во Кривичниот законик, во однос на зголемување на предвидените казни за ова кривично дело. Во секој случај, актуелноста на проблемот на компјутерскиот криминал ја оправдува и потребата од развивање на информациско казнено право.

За авторот: Мартин Митевски, роден во Битола, каде и живее. Магистрирал на Правниот факултет во Битола при Универзитет,,Св. Климент Охридски” Битола во 2021 година. Положил правосуден испит во 2023 година. Од 2022 година е вработен во Основниот суд во Битола како помлад судски соработник. 

Текстот е напишан како дел од кампањата „Приватноста е бесценета. Заштити го твојот дигитален свет!“. Оваа иницијатива е посветена на зајакнување на дигиталната генерација со цел да ја преземе контролата врз своите лични податоци.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.