МЗМП учествуваше на Самит за слобода на интернет
Од 1 до 3 ноември во Охрид се одржа Самит за слобода на интернет во организација на АБА РОЛИ. Настанот обедини четириесетина учесници од Македонија, Романија, Молдавија и Србија, меѓу кои и четири претставници на МЗМП.
МЗМП во соработка со АпТИ од Романија, ја организираше панел дискусијата на тема „Младите и приватноста: зајакнување на онлајн безбедноста“. Мартина Дранговска Мартинова од МЗМП и Богдан Манолеа од АпТИ ја модерираа сесијата, на која имавме привилегија да разговараме со: Мануела Станоевска Стоилковска, истакнат експерт за заштита на личните податоци, Магда Којочеа, професорка и потпретседателка на ЕДУМИ и Богдан Лунгу, проектен координатор во АпТИ. Клучните теми на кои разговаравме беа:
- Зошто е важна приватноста на младите: нагласување на значењето на приватноста на интернет во дигиталната ера и ризиците и предизвиците со кои младите се соочуваат;
- Законодавнa рамкa: Премостување на теоријата со практиката во заштитата на приватноста на младите онлајн;
- Ефективни комуникациски стратегии: Алатки и техники за запознавање на младите со приватноста и заштитата на податоците;
- Ризици и предизвици за приватноста на интернет со кои се соочуваат младите;
- Образовни ресусрси за едуцирање на младите за приватност и заштита на личните податоци.
На самитот се дискутираа и тековните процеси и предизвици поврзани со заштитата на приватноста и личните податоци, слободата на изразување и другите човекови права на интернет, користењето и регулацијата на новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција во земјите во регионот, но и на глобално ниво.
Огромна благодарност до АБА РОЛИ за организирањето на овој влијателен настан, како и до нашите неверојатни говорници и учесници за нивните вредни придонеси.