Република Северна Македонија на 18 Март 2020 прогласи вонредна состојба на целата територија на државата

При прогласувањето на вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила и се директно применливи. Ваквото овластување Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на вонредната состојба.

Со цел информирање на јавноста во периодот што претстои Македонското здружение на млади правници редовно ќе ги објавува уредбите кои што ги носи Владата.

 

 

30.03.2020

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА РОКОВИТЕ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА И ПОСТАПУВАЊETO НА СУДОВИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

Со оваа уредба со законоска сила престануваат да течат законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, во моментот на стапување во сила на оваа уредба се до престанување на вонредната состојба. Исто така, се уредува и постапувањето на судовите и јавните обвинителства за време на трање на вонредната состојба, како и се  уредува мандатот на судиите-поротници  на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се одложува рокот за донесување на буџетот и годишната сметка на општината, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА УЧЕНИЧКИОТ СТАНДАРД ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила  е уредено дека во ученичките домови може да се остваруваат активности за сместување на лица на кои им е определена мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СТУДЕНТСКИОТ СТАНДАРД ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се ослободуваат од партиципирање во цената за сместување и исхрана, студентите кои се сместени во државен студентски дом или во приватен студентски дом, за време на траење на вонредната состојба. Исто така, уредено е дека во студентските домови може да се остваруваат активности за сместување на лица на кои им е определена мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СИСТЕМ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира вршењето на железничкиот превоз на патници во Република Северна Македонија, одржувањето на железничката инфраструктура, како и за начинот на компензирање на трошоците за транспортните услуги за превоз на патници, начинот на надоместување на неостварениот приход на превозникот и неостварениот приход на управителот на железничката инфраструктура, за време на траење на вонредна состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЈАВУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ И ДРУГИТЕ ПРОПИСИ И АКТИ ВО „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува начинот на издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ и објавувањето на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, за време на траење на вонредната состојба.

(Службен весник на РСМ бр.84)

27.03.2020

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ТУРИСТИЧКАТА ДЕЈНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува начинот на издавање на ваучери од страна на туристичките агенции за откажаните туристички аранжмани и вредноста на ваучерот, за време на траење на вонредната состојба, како износот на глоба за туристичкитее агенции кои нема да постапат соласно одредбите на оваа уредба со законска сила.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА НАЧИНОТ НА ПРОМЕНА НА ДОГОВОРНИ УСЛОВИ НА КРЕДИТНИ ИЗЛОЖЕНОСТИ КАЈ БАНКИТЕ И ШТЕДИЛНИЦИТЕ

Со оваа уредба со законска сила се уредува начинот на промени на договорните услови на кредитните изложености на банките и штедилниците спрема физичките лица и нефинансиските правни лица, како и спрема солидарните должници и заложните должници врз основа на секоја од кредитните изложености, извршени согласно со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 76/20), коишто ќе бидат спроведени од страна на банките и штедилниците во времетраењето на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила престануваат да течат роковите определени со Законот за земјоделско земјиште за донесување на одлуки по отпочнати постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува координирањето на работата на штабовите на единците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје), за време на траење на вонредната состојба. За време на траење на вонредната состојба координирањето на штабовите на единците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и 8 членови.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ЕДИНИЦИТЕ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила  се одложуваат активностите за донесување и доставување на Годишните сметки на единиците на локалната самоуправа и периодичните финансиски извештаи,  за време на траењето на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА САНАЦИЈА И РЕКОНСТРУИРАЊЕ НА ДЕЛ ОД БАНКИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира дека отплатата на главницата на обврзницата за надоместување на селективните кредити на Народна банка на Република Северна Македонија согласно член 26 став 1 алинеја 2 од Законот за санација и реконструирање на дел од банките во РСМ, ќе се изврши на 1 април 2021 година.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира уплатата и распоредувањето на вишокот на средствата од работењето на јавните претпријатија основани од Владата на Република Северна Македонија.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува формата на издавање и пренос на фактурите за време на траење на вонредната состојба

(Службен весник на РСМ бр.80 и бр.82 )

26.03.2020

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОЧНА ПОСТАПКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила, се уредува висината на каматата која се наплатува на износот на помалку или повеќе платениот данок за секој ден задоцнување. Со уредбата се предвидува дека Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОБИВКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува ослободувањето од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка од страна на даночните обврзници, за време на траење на вонредна состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува ослободувањето од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за обврзниците кои остваруваат доход од самостојна дејност, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БУЏЕТИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се одложуваат активностите за подготовка и донесување на Фискална стратегија за среднорочен период од три години и Завршна сметка на Буџетот на РСМ, за време на трање на вонредната состојба. Со уредбата, се регулира и прашањето за прераспределбата во рамки на одобрените буџетски корисници и прераспределбите меѓу буџетските корисници  на централна власт и меѓу фондовите.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува дека нема да се одржи годишно собрание на акционери за акционерските друштва, ниту собир на содружници на друштва со ограничена одговорност, кај кои започнал да тече рокот за свикување и одржување на годишно собрание за акционери и за ДОО кај кои започнал да тече рокот за свикување и одржување на собир на содружници. Започнатите постапки за свикување и одржување на годишно собрание, односно собир на содружници, се одложувааат, за време на трање на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира траењето на приправничкиот стаж на полицаец-приправник за време на вонредната состојба. Полицаец-приравник  кој има склучено договор за вработување во Министерство за внатрешни работи на 1 ноември 2019 година согласно членовите 99 и 102 од Законот за внатрешни работи, трае пет месеци.

(Службен весник на РСМ бр.79)

24.03.2020 

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира  начинот на изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование, продолжување на мандатот на органите и телата на високообразовните установи односно јавните научни установи, како и рокот за важност на постојните акредитации, односно реакредитации на студиските програми

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се  регулира начинот на реализација и организација на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација (видеоконфенциски платформи, електорнска пошта или други системи за електронска комуникација) за времетраење на вонредната состојба. За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесуваат средните училишта.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се  регулира начинот на реализација и организација на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација (видеоконфенциски платформи, електорнска пошта или други системи за електронска комуникација) за времетраење на вонредната состојба. За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесуваат основните училишта.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува дека приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи кои вршат дејност за интензивна нега и терапија ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи, за укажување на здравствени услуги на пациенти заболени од заразната болест Коронавирус COVID-19, за време на траење на вонредната состојба. Фондот за здравствено осигурување на РСМ ќе склучи договор со овие здравствени установи согласно прописите на задолжително здравствено осигурување.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА OПШТАТА УПРАВНА ПОСТАПКА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Оваа уредба со законска сила ги уредува определувањето и продолжувањето на роковите во управната постапка, за време на траење на вонредна состојба. Согласно оваа уредба, роковите кои согласно Законот за општата управна постапка се определени за преземање на одделни дејствија во постапката, односно роковите кои ги определува службеното лице кои истекуваат за време на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по истекот на вонредната состоба, но само за онолку денови колку што престанале и тоа од денот на истекот на трањето на вонредната состојба. Овластеното службено лице по молба на заинтересираното лице заради постоење на оправдани причини може да одлучи поинаку.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Оваа уредба со законска сила го уредува поведувањето на стечајната постапка и поведувањето на претходната постапка, како и одложувањето на сите започнати постапки. Стечајните должници кои ги исполнуваат условите нема да можат отворат стечајна постапка и да поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба, како и три месеци по престанокот на траењето на вонредната постапка. Дополнително, сите започнати постапки се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба, како и три месеци по престанокот на траењето на вонредната постапка.

У Р Е Д Б А ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се уредува дека за лица заболени од заразната болест Коронавирус COVID-19 како и лицата кои не ја применуваат мерката строга изолација (карантин) во домашни услови може да им се одреди мерка строга изолација (карантин) и во угостителски објекти кои се отстапени од страна на приватни правни лица кои вршат угостителска дејност, а кои се определени од Владата на РСМ.  Во уредбата се додаваат и нови членови, а кои се поврзани со објектите за строга изолација (карантин), исхрана, хигиенски услови, достава на пратки за потребите на лицата на кои им е изречена мерка строга изолација (карантин) од надворешни лица, како и превозот на овие лица од граничните премини до објектите за строга изолација

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ АВИОНСКИ ПРЕВОЗ НА МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ СО МОМЕНТАЛЕН ПРЕСТОЈ ВО СТРАНСТВО НА ТЕРИТОРИЈА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила, се уредува начинот на организирање на авионски превоз со цел пренесување на македонски граѓани на територијата на РСМ, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски државјани со моментален престој во странство. Исто така, со оваа уредба се регулира начинот на исплаќање на сумата определена за авионски билет на сметката на Владата на РСМ.

(Службен весник на РСМ бр.76 и бр.77)

21.03.2020

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС 

Со оваа уредба со законска сила се регулираат прашања поврзани со изборниот процес (продолжување на мандатот на членовите на Државната изборна комисија, прекин на изборните дејствија, обезбедување и чување на постојаната изборна документација), се изменува и дополнува Изборниот законик и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес, за време на траeње на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Oваа уредба со законска сила се однесува на заштита на населението од заразни болести, односно од Коронавирус COVID 19. Со истата уредба се предвидува за лица заболени од заразната болест COVID 19 ќе се применува мерката строга изолација (карантин) и се регулираат прашањата поврзани со објектите за спроведување на мерката строга изолација, местото и времетрањето на примена на мерката строга изолација, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ЗАДАЧИ НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ТРАЕЊЕТО НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се утврдуваат задачите и овластувањата на Армијата на Република Северна Македонија за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID 19. Исто така, со уредбата со законска сила се уредува и прашањето за употребата на средства за присилба и огнено оружје при спроведување на задачите утврдени со оваа уредба со законска сила, за време на траење на вонредната состојба.

20.03.2020

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОЦЕНА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за процена, се одложува спроведувањето на стручниот испит за проценувач, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ(*) ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулираат прашања поврзани со краткорочниот престој на странец со виза или без виза, како и важноста на дозволата за привремен престој и дозволата за постојан престој чиј рок на важење е истечен, за време на траење на вонредна состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит, се одложува спроведувањето на правосудниот испит, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПАТНИТЕ ИСПРАВИ НА ДРЖАВЈАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се продолжува важноста на патните исправи чиј рок е истечен, за време на траење на вонредната состојба.

У Р Е Д Б А СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за нотаријат, се одложува спроведувањето на нотарскиот испит, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МЕДИЈАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за медијација, се одложува спроведувањето на испитот за медијатори, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОН ЗА ЛИЧНАТА КАРТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се продолжува важноста на личната карта чиј рок е истечен, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА КАТАСТАР НА НЕДВИЖНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за катастар на недвижности, се одложува спроведувањето на испитот за стекнување на овластување за овластен геодет, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИТЕ СОБИРИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се забранува одржувањето на јавни собири на територијата на Република Северна Македонија, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила за примена на Законот за вештачење, се одложува спроведувањето на испитот за вештаци, за време на траење на вонредната состојба.

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со оваа уредба со законска сила се регулира времето на продолжување на важноста на возачка дозвола чиј рок на важење е истечен, одложување на започнатите постапки за спроведување на обуките за оспособување на кадидат – возач во авто школите и спроведување на возачкиот испит на кндидатот, како и продолжување на роковите на важење на документите што согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што истекуваат, за време на траење на вонредната состојба.


Преземено од Службен весник на РСМ