Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
Copy of Загрозувањето на безбедната вода за пиење e прашање на човекови права јавно здравје и законска одговорност

ОД БЕЗБЕДНА ВОДА ДО ЕПИДЕМИЈА И КРИЗНА СОСТОЈБА: ПОТРЕБЕН Е ЦЕЛОСЕН ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ОДГОВОР!

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) укажува дека случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар уште еднаш ја потврдува суштинската важност на ефикасните механизми за превенција, мониторинг и институционален надзор во заштитата на животната средина и јавното здравје.

Законската рамка не е воспоставена само за санкционирање на евентуалните незаконски постапувања, туку пред сè за нивно спречување и заштита на населението од ризици кои можат да имаат сериозни последици како случајот со Гостивар.

Во конкретниот случај, само дваесет дена по јавно објавениот извештај на Центарот за јавно здравје Тетово дека водата за пиење во Гостивар ги исполнува законските и стручните барања, беше прогласена епидемија, а денес Владата прогласи и кризна состојба.

Copy of Загрозувањето на безбедната вода за пиење e прашање на човекови права јавно здравје и законска одговорност

Дали имаме доволно гаранции дека водата што ја пиеме е безбедна или дали механизмите за превенција, мониторинг и институционален надзор функционираат онака како што предвидува законот?

За случајот со Гостивар, според соопштението на Основното јавно обвинителство, постои основано сомнение дека со поставување на две пумпи и нивно поврзување со водоснабдителниот систем дошло до мешање на загадена вода со водата за пиење, поради што е поведена истрага против три лица[1]. Дали овие наводи ќе се потврдат е предмет на истражната и судската постапка. Меѓутоа, независно од исходот на постапката, случајот отвора многу пошироко прашање – дали системот навремено можел да го спречи овој ризик?

Одговорот го дава законската рамка, која воспоставува јасни механизми за превенција, контрола и управување со ризиците за да се обезбеди пристап до безбедна вода за пиење.

Во случаите за заштита на јавното здравје, особено важни се принципите на превенција и претплазливост[2]. Оттука сите субјекти, вклучително и јавните претпријатија мора да се воздржат од било какви активности кои може да доведат до штета по квалитетот на водите и се постапува согласно соодветна проценка на ризикот. Дури неопходно е да се обезбеди високо ниво на заштита на водите и од водите и пред да стане достапен научниот доказ дека може да настане штетно дејство.

Доколку се потврдат наводите на Основното јавно обвинителство дека при тестирањето на притисокот биле поставени потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора, ќе биде неопходно да се утврди дали при таквата интервенција биле почитувани принципите на превенција и претпазливост предвидени во Законот за водите и дали е направена некаква проценка на ризик.

Би навеле неколку закони во кои се нагласени механизмите за превенција, мониторинг и институционален надзор за спречување и реакции преи вакви катастрофи.

Законот за водите воспоставува систем на дозволи, контрола и надзор. Согласно законот користењето на водите претставува јавен интерес и се врши само врз основа на дозвола, а носителот е должен да постапува исклучиво согласно условите утврдени во дозволата[3]. Доколку не се почитуваат обврските законот предвидува можност за одземање на дозволата[4], а забранува секое дејствие или непостапување со кое се предизвикува загадување на водите[5].  

Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води предвидува трајно и непрекинато обезбедување здравствено исправна вода за пиење а при прекин подолг од 12 часа и алтернативно снабдување согласно Планот за вонредни околности[6].

Законот за јавно здравје ја обврзува државата да обезбеди навремена проценка на ризиците, систем за брзо реагирање, здравствен мониторинг и координирана институционална реакција[7].

Системот за обезбедување безбедна вода за пиење не се сведува само на периодично земање примероци и лабораториски анализи. Согласно Законот за јавно здравје, тој опфаќа следење, анализа и процена на ризиците, идентификување и ублажување на здравствените опасности, предлагање мерки, како и координирана реакција на надлежните институции во случаи на ризик по јавното здравје[8].

Особено е важно истрагата да утврди дали законските обврски за следење и процена на ризиците биле почитувани. Имено, според јавно објавениот извештај на Центарот за јавно здравје Тетово од 29 јуни, водата за пиење ги исполнувала законските и стручните барања во однос на испитаните бактериолошки и физичко-хемиски параметри. Само дваесетина дена подоцна беше прогласена епидемија и повеќе од 3.100 граѓани побараа здравствена помош. Истовремено, потенцијално изложени на ризик беа сите жители на Гостивар и околината кои во периодот од 25 јуни до 16 јули ја користеле водата од водоснабдителниот систем.

Во рамките на истрагата потребно е да се утврди и дали редовниот мониторинг и надзор биле спроведувани согласно законските обврски, дали биле преземени сите мерки за управување со ризикот за време на тестирањето и дали постоеле околности што не можеле да бидат детектирани со редовниот мониторинг.


Дополнително, за заштита на населението, со прогласувањето на кризната состојба, Владата и надлежните институции имаат обврска да обезбедат координиран институционален одговор. Тоа подразбира донесување и јавно објавување на детален акциски план со конкретни мерки, рокови и надлежности, редовно информирање на јавноста, како и јасни критериуми за укинување на мерките и нормализирање на состојбата.


[1] Истрага против три лица за загадување на водата во Гостивар

[2] Закон за водите, член 5

[3] Член23, 25 став 4 и 28, Закон за водите

[4] член 51, Закон за водите

[5] член 77, Закон за водите

[6] член 8 и член 10, Закон за снабдување со вода за пиење

[7] Член 2, 4, 6, 7, 10, 11, 15 и 17, Закон за јавно здравје

[8] член 6, 11 и 15, Закон за јавно здравје 

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.