Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
viber image 2026 08 15 15 01 01 934

Одржана обука за академско пишување за авторите на седмото издание на „Правен фокус“

Како дел од подготовките за седмото издание на списанието „Правен фокус“, од 14 до 16 август во Охрид се одржа обука посветена на стандардите за академско пишување. Обуката беше наменета за избраните автори кои ќе подготват стручни статии за новото издание, посветено на темата „Помеѓу човекот и технологијата – новите граници на правото“.

Целта на обуката беше да им обезбеди на авторите практични знаења и вештини за подготовка на квалитетни академски и правни стручни трудови, во согласност со методолошките и уредувачките стандарди на списанието.

Програмата започна со запознавање со целта и целната јавност на „Правен фокус“, како и со основите на методологијата на истражување и академското пишување. Авторите работеа и на скицирање на своите трудови, поставување истражувачко прашање и хипотеза, како и на изборот и примената на соодветни истражувачки методи.
Посебно внимание беше посветено на структурата и логичната организација на стручниот труд. Преку дискусии и практична примена, учесниците работеа на различните елементи на трудот – од насловот, резимето и воведот, до разработката на главниот текст, формулирањето на проблемот, развивањето аргументи, разгледувањето алтернативни решенија, заклучоците и препораките.

Во рамки на обуката беа опфатени и практични аспекти од процесот на подготовка и уредување на стручните статии: правилно цитирање и користење фусноти, цитирање судска практика на Европскиот суд за човекови права, подготовка на библиографија и прилози, техничко уредување во Word, како и рецензија на трудовите.

Со оглед на темата на претстојното издание, значаен дел од програмата беше посветен и на политиката за користење алатки за вештачка интелигенција, проследен со практична работилница за примена на стекнатото знаење.

Обуката ја реализираа проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ и вонреден проф. д-р Јелена Ристиќ, кои преку интерактивни сесии, дискусии и практични задачи ги поддржаа авторите во развивањето на нивните идеи и нивното претворање во добро структурирани и аргументирани стручни трудови.

Седмото издание на „Правен фокус“ ќе се занимава со новите прашања што се појавуваат на пресекот меѓу човекот и технологијата и со начинот на кој правото се соочува со брзиот технолошки развој. Очекуваме трудовите на новите автори да понудат аргументирани анализи и перспективи за овие актуелни правни предизвици.

Обуката се реализира во рамки на проектот „Јакнење на идните правни лидери за владеењето на правото во дигиталната ера“, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.