Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
1 1

Градење на инклузивни и отпорни заедници: Одржани работилници за превенција од насилен екстремизам во Штип, Гевгелија и Гостивар

Во изминатиот период, Македонското здружение на млади правници организираше три регионални работилници на тема превенција на насилен екстремизам, во рамки на проектот „Градење на отпорни и инклузивни заедници“, финансиран од Global Community Engagement and Resilience Fund – GCERF. Работилниците се одржаа во Штип, Гевгелија и Гостивар, и беа наменети за претставници од општините и институциите кои делуваат во сектори од јавен интерес – детска заштита, социјална и здравствена заштита, образование и други служби кои се во директен контакт со граѓаните.

Обуките ги водеше Златко Апостолоски, експерт со богато искуство во областа на спречување на насилен екстремизам и поранешен Национален координатор за оваа тема. Преку интерактивни презентации и практични примери, учесниците дискутираа за појавните форми на радикализација, локалните и глобалните предизвици поврзани со насилен екстремизам, како и улогата што локалните самоуправи и советите за превенција можат да ја имаат во навремено препознавање и одговор.

Работилниците овозможија размена на искуства, унапредување на знаењата и поставување основа за поефективна меѓуинституционална соработка. Посебен акцент беше ставен на важноста од инклузивен пристап и на потребата за континуирана едукација на стручните служби, но и на пошироката заедница, особено младите, како најчувствителна и најпогодена група.

Учесниците ги оценија работилниците како навремени и суштински за нивната работа, посочувајќи дека вакви содржини се неопходни за јакнење на локалните капацитети. Изразија интерес вакви обуки да се организираат и во иднина, со вклучување на поширок круг професионалци.

Во наредниот период, активностите ќе продолжат со организација на нови работилници во други општини низ државата, со цел да се зајакне отпорноста на локалните заедници и да се поттикне институционална соработка во справувањето со насилен екстремизам.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.