Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Меѓународен ден на мигрантите- да ги заштитиме достоинството и правата на мигрантите

 

На 18 декември се одбележува Меѓународниот ден на мигрантите прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации во 2000 година, со кој се потенцира потребата и важноста на заштитата на правата и достоинството на мигрантите ширум светот.

Луѓето отсекогаш континуирано мигрираат од различни причини, вложувајќи ги своите знаења, вештини, култура, традиции во новото место кое го населуваат. Мигрантите стануваат дел од заедницата и придонесуваат кон развој на разнолични, вклучувачки и отпорни општества.  За жал, денес луѓето се почесто се принудени да ги напуштат своите домови како резултат на идеолошки разлики, внатрешни конфликти или природни катастрофи и промени.

Оваа година овој ден се одбележува во екот на глобалната пандемија на вирусот Ковид-19 чии последици се многуслојни и далекусежни и влијаат на секој аспект на живеењето. Во многу држави мигрантите се наоѓаат на првата линија во борбата против пандемијата и  преку различни форми и начини придонесуваат во намалувањето на нејзиното влијание. Многумина помагаат на здравствените власти, во транспортната индустрија и доставата на храна за најранливите и најзагрозените лица, во ситуации на целосно затворање на државите, градовите и селата.

Сепак, многу ранливи категории на мигранти, регуларни и нерегуларни, кои живат на маргините на општествата се подеднакво загрозени и ги трпат негативните последици на пандемијата, од здравствен и економско-социјален аспект.  Мигрантите се најмногу погодени и со воведувањето на заштитните мерки од страна на државите и ограничувањето на правото на движење во многу држави во нашето пошироко и потесно опкружување.

Македонското здружение на млади правници упатува апел и до институциите во земјава- доследно и хумано да се грижат и да овозможат почитување, примена и заштита на човековите права на мигрантите присутни во нашата држава.

Пандемијата не треба и не смее да се користи како изговор за дискриминирачко, нечовечно и деградирачко постапување со оваа екстремно ранлива категорија на луѓе. Потсетуваме дека вирусот не познава раса, нација, етникум или социјален статус, бидејќи сите подеднакво сме изложени на ризик.

Само преку системско, човечно и достинствено однесување кон мигрантите, со почитување на меѓународните стандарди и добрите практики може да ги ублажиме негативните ефекти на Ковид-19 врз нив и нивните животи.

 

 

 

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.