ПРАШАЊЕТО СО ДИВИТЕ ДЕПОНИИ МОРА ПРАВИЛНО ДА СЕ ЗАТВОРИ ПРЕД ДА ДОЈДЕ ДО ШТЕТА
Постоењето на нелегалните ѓубришта, односно дивите депонии во државата кои не ги исполнуваат законските стандарди, не е ново прашање. Ваквите депонии се создаваат одамна и продолжуваат да функционираат и денес. Речиси сите општински депонии се нелегални, работат без потребните дозволи и надвор од правната рамка пропишана со македонското законодавство, а дополнително постојано се создаваат и нови, помали или поголеми диви депонии.
Разградувањето на мешаниот отпад во овие депонии произведува депониски гасови кои во комбинација со кислородот, може да доведат до експлозија. Дури и кога не доаѓа до експлозија, нивното постоење и работење надвор од пропишаните стандарди резултира со загадување на почвата и водите преку депониските исцедоци, како и со емисии во воздухот. Овие последици нанесуваат штета не само на животната средина, туку и на здравјето и човековите права на граѓаните.
Во Турција во 80тите и 90тите години од 20тиот век1 опстојувала дива депонија која иако во моментот на создавање била надвор од населено место, со текот на времето во нејзината непосредна близина се населувале лица без соодветно одобрение и формирале импровизирани населби. За ваквата дива депонија биле извршени стручни студии и анализи кои ја истакнале опасноста: …во било која инсталација/место за собирање на отпад се создаваат гасови како метан, јаглерод диоксид и хидроген сулфид. Ваквите соединенија мора да бидат собрани и … спалени под надзор. Сепак локацијата која е во прашање не е опремена со ваков соодветен систем. Метанот во комбинација со кислорот, во одредена пропорција, може да експлодира. Инсталацијата не содржи средства за превенција на експлозија на метанот кој се создава како резултат на распаѓање [на отпадот]. Господ нека ни е на помош поради тоа што штетата може да биде голема за околните импровизирани населби…“2
Иако државните органи биле информирани за состојбата и опасноста, ненавремено ги презеле потребните мерки за санација на инсталацијата и превенирање на штетата. Резултатот од целата состојба била експлозија на дивата депонија во која загинале десетици лица во непосредна близина, а биле повредени други лица кои живееле малку подалеку од депонијата. Европскиот суд за човековите права расправал за случајот и утврдил повреда на правото на живот!
Ситуацијата во Македонија не е многу поразлична од случајот во Турција. Државата мора да ја научи лекцијата од другите држави каде постоеле вакви ѓубришта, а кои имале огромни последици по човековите права! Затрупувањето на дивите депонии со земја без притоа да се спроведат мерки кои ќе го третираат депонискиот гас не е сеопфатно и соодветно решавање на проблемот. Ја поздравуваме одлуката на Министерството за животна средина и просторно планирање за затворањето на дивата депонија во Никуштак и препораката до општините за идентификација и отстранување на дивите депонии, но доколку отпадот од овие диви депонии се депонира во општинските комунални депонии, кои повторно не ги исполнуваат законските стандарди, не се решава проблемот туку само отпадот и опасноста се преместуваат од една локација на друга!
Властите мора да ја сфатат сериозноста на ситуацијата со која македонското општество долго време се соочува и итно мора да се преземат мерки за финансирање на решенија кои ќе значат соодветно, целосно и навремено затворање на сите диви депонии и конечно воспоставување на правилно управување со отпад. Истовремено инспекциските служби мора да бидат соодветно кадровски, технички и финансиски опремени за ефикасни контроли, но и претходно да се воспостави регионалното управување со отпад.
Ги повикуваме пред се Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и сите општини исклучително сериозно да го сфатат овој проблем и заеднички да се заложат за зголемено финансирање на решенија кои конечно ќе го решат овој проблем!
Притоа државата не смее да ги занемари маргинализираните и финансиски загрозените семејства и поединци. Тие мора да ја добијат потребната поддршка за да се очекува да ги усогласат своите навики со правилата.
МЗМП мотивирано од ваквите состојби во 2021 година поведе судска постапка пред Основниот суд во Струга поради постоењето и функционирањето на дивата општинска депонија во Струга каде се депонира комуналниот отпад. Иако постапката пред македонските судови заврши безуспешно, не се откажавме од борбата за заштита на човековите права и се надеваме дека ќе добиеме позитивна одлука од Европскиот суд за човековите права пред кој сега се наоѓа нашиот предмет!
Оттука истовремено очекуваме соодветен и проактивен пристап од правосудните органи за откривање, гонење и санкционирање на сите оние кои спротивно на прописите транспортираат, тргуваат, третираат или преземаат било какви други операции за управување со отпадот или создаваат депонии кои ја загадуваат животната средина и ја зголемуваат опасноста по здравјето и животот на луѓето!
1 Случај Öneryildiz v. Тurkey, апликација бр. 48939/99, достапно на: https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22itemid%22:[%22001-67614%22]}
2 Извадок од експертската студија во Турцијa