Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
tinywow IMG 5217 78035968 scaled

Конференција за унапредување на правното образование: Заеднички чекори кон посилна правна професија

На 28 март 2025 година, во Скопје, се одржа конференцијата „Унапредување на правното образование во Северна Македонија- Интегрирање на практичните правни вештини и етички вредности на правничките професии во наставните програми на правните факултети“, организирана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија. Настанот се одржа во професионална и инспиративна атмосфера, каде што се собраа претставници од академската и стручната правна заедница, судството, обвинителството, адвокатурата, студентите и граѓанскиот сектор.

Конференцијата се фокусираше на важноста од воведување практични правни вештини и етички вредности во наставните програми на правните факултети, со цел подготовка на компетентни и интегритетни правници. По воведните обраќања, беше презентиран документот „Предизвици и можни решенија за унапредување на правното образование во РСМ“, изготвен од Гоце Коцевски, кој нуди систематски преглед на состојбата и предлага конкретни чекори за подобрување.

tinywow IMG 5219 78035968

На првиот панел на тема „Користење на иновативни методи при изучување на правото“ учествуваа:

  • Мирјана Ристовска, вонредна професорка на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола,
  • Билјана Тодорова, продеканка за соработка на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип,
  • Арта Меро, вонредна професорка на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово,
  • Елена Нешовска Ќосева, професорка и координаторка на Центарот за кариера при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Дискусијата се фокусираше на практичната подготовка на студентите преку клиничка настава, симулации на судења, реални случаи, практики и менторски програми, со акцент на тоа дека студиите по право мора да бидат поврзани со реалноста на професијата.

По кратката пауза следеше вториот панел со наслов „Зајакнување на стручноста, интегритетот и конкуретноста на правниците – Што треба да преземат правните факултети, а што правосудните институции и правничките професии?“. На овој панел свои излагања имаа:

  • Даниела Димовска, судијка во Основниот кривичен суд – Скопје,
  • Верица Бержецка, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција,
  • Љупка Новеска Андонова, адвокатка во соработка со Карановиќ & Партнерс,
  • Магдалена Николовска, студентска правобранителка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје,
  • Јована Малезанска, адвокатка во адвокатско друштво Трпенсоки – Скопје.
tinywow IMG 5217 78035968

Панелистките ги споделија своите лични професионални приказни и отворија значајна дебата за потребата од поголема синергија помеѓу академијата и правосудните институции. Беше потенцирано дека подготовката на новите генерации правници не смее да се базира исклучиво на теорија, туку и на вредности, практична етика и соработка со реалниот сектор.

Целиот настан беше одбележан со висока енергија, ангажман и искрена размена на идеи. Панелистите водеа содржајна и отворена дискусија, додека публиката – составена од универзитетски професори, правници и голем број студенти – активно се вклучуваше со прашања, коментари и предлози. Особено впечатлива беше мотивацијата на младите учесници, кои покажаа искрена волја да се вклучат во процесот на подобрување на правното образование.

Конференцијата заврши со неформален коктел, кој понуди простор за продолжување на разговорите, нови познанства и идеи за конкретни иницијативи и соработка. Настанот беше не само можност за размена на мислења, туку и поттик за здружена акција во правец на подобро, пореално и поефективно правно образование во Северна Македонија.

Правното образование е темелот врз кој се гради правдата во едно општество. Затоа, неговото унапредување не е само академска обврска, туку и општествен приоритет. Инвестирањето во млади правници значи инвестирање во независно судство, одговорна адвокатура и правично општество. За да се постигне тоа, неопходна е континуирана соработка меѓу академијата, институциите и професионалната заедница – со заедничка визија и посветеност за иднина во која правото ќе биде достапно, праведно и применливо за сите.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.