Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Прифатена заложба на МЗМП во Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026

Почнувајќи од јули 2023 година, МЗМП учествуваше во процесот на креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година. Својот придонес во креирањето на новиот НАП, МЗМП го даде во тематските области за пристап до правда и животна средина и климатски промени. 

Процесот за креирање на НАП за ПОВ 2024-2026 се одвиваше во периодот од јули-декември 2023 година, во кој најпрво во рамки на секоја од работните групи за секоја од тематските области се дефинираа проблемите и начините за нивно надминување, а по изготвувањето на драфт заложбите следуваа состаноци со надлежните министерства за усогласување на заложбите и нивно финализирање. Процесот на финализирање на заложбите кои се дел од усвоениот НАП за ПОВ 2024-2026 година опфаќаше и нивно разгледување од Секретаријатот за ПОВ кој е предводник на овој процес во секоја земја.

МЗМП предложи вкупно 4 заложби во двете тематски области (пристап до правда и животна средина и климатски промени).

Во тематската област за пристап до правда беше предложена заложба која претставува надоврзување на законските измени и дополнувања на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето и Законот за личната карта, со цел олеснување на пристапот до постапката за пријавување на живеалиште и престојувалиште и документ за лична идентификација Идентификувани беа неколку предизвици со кои се соочуваат различни ранливи категории на лица кои не се опфатени во најновите измени и дополнувања. Во рамките на заложбата беше предложено :

  • Анализирање и дискусија на детектираните проблеми од аспект на законитоста и применливоста на подзаконските акти кои е предвидено да се изработат и да се прилагодат на новите решенија со последните измени;
  • Дискусија за разјаснување на понатамошните чекори за правилна примена на новите законски решенија и нивно дополнување со нудење решенија за проблемите со кои се соочуваат ранливите категории на граѓани;
  • Подготовка на документи со насоки за постапување на службените лица за овие постапки;
  • Изработка на информативни материјали и соопштенија за јавност кои ќе ги содржат основните информации за законските измени и постапки при пријавување на ново или промена на живеалиште.

Во тематската област за животна средина и климатски промени беше предложено:

  • Унапредување на учеството на јавноста во донесувањето одлуки поврзани со животната средина преку поголемо искористување на дигиталната технологија и унапредување на правната регулатива;
  • Зајакнување на спроведувањето на македонското законодавство за донесување и спроведување на локални акциони планови за животната средина преку зголемување на надзорите од страна на МЖСПП врз општините и зајакнување на капацитетите на МЖСПП;
  • зајакнување на спроведувањето на македонското законодавство за стратегиско управување и заштита на квалитетот на воздухот и водите преку зајакнување на капацитетите на МЖСПП и изработка на Националниот план за заштита на амбиентниот воздух, Водостопанската основа на Република Северна Македонија и плановите за управување со речните сливови.

Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година е усвоен од Владата на 27.2.2024 година и во себе вклучува една од заложбите предложени од МЗМП. Спроведувањето на конкретната заложба вклучува 1) дефинирање на дигитална платформа, како составен дел од интернет страната на МЖСПП, каде ќе се објавуваат сите документи од областа на управувањето со водите, а за кои е задолжително учество на јавноста; 2) изработка на утврдената дигитална платформа и 100% објавување на барањата за дозволи за водно право, при што истото ќе биде соодветно комуницирано со јавноста  преку каналите за комуникација на МЖСПП и 3) изменување на членот 24 од Законот за животната средина за да се овозможи учество на јавноста во постапките за изработка и одобрување на елаборатите за заштита на животната средина.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.