Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

ОТФРЛЕНА Е ТУЖБАТА ЗА НЕПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ДИВАТА ДЕПОНИЈА ВО СТРУГА

Основниот суд во Струга ја отфрли тужбата на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и физичко лице поднесена во 2021 година преку адвокат Глигорие Ќатоски, со која баравме судот да утврди дека со опстојувањето и функционирањето на дивата општинска комунална депонија во Струга се повредени правото на здрава животна средина и да ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие КОМУНАЛНО Струга да преземат конкретни мерки поврзани со депонирање на отпад на сегашната локација и санирање на истата.

Согласно судот, тужбата не била поставена во насока на утврдување соодветно право или правен однос помеѓу тужителот или тужените, туку е поставена во насока на утврдување факти, а за кои тој нема надлежност.

Законот за судовите уредува дека судовите се повикуваат на судска ненадлежност само кога со закон изрично е предвидена надлежност за решавање на конкретно барање на друг државен орган, а судот не може да отфрли барање за остварување на определено право со образложение дека постои правна празнина. Согласно истиот закон, а во корелација со Законот за парничната, основните граѓански судови се надлежни да одлучуваат меѓу другото и во спорови за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, па оттука и за утврдување повреда на човековите права.

Во основата на законодавството од областа на животната средина се наоѓаат начелата на претпазливост и превенција, а со ваквото остапување на судовите ние немаме ефикасно правно средство кое ги штити граѓаните кога правото на здрава животна средина е повредено.

Поради тоа сметаме дека судовите треба да имаат клучна улога во заштита и превенирање на прекршување на човековите права како резултат на состојбите во животната средина. Ова е особено важно во случаи како овој, каде функционира депонија која не ги исполнува законските правила и стандарди и на тој начин влијае на уживањето на човековите правата на граѓаните, но претставува и ризик за Охридското Езеро.

Контакт лице: Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници 074601004,  btrpevski@myla.org.mk

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.