
МЗМП потписник на декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина”
На 15ти септември, на национална конференција која ја одржа ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во Скопје, беше претставена декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина” со која се бара од Владата на Република Северна Македонија и од Министерството за образование и наука, согласно дадените политички заложби и надлежности, да осигураат дека секое дете во државата ќе може да го ужива своето право на сеопфатно сексуално образование и да стекне вистински знаења, ставови и вештини за заштита на своето здравје, благосостојба и достоинство.
Последните податоци за ставовите и однесувањата кај младите во земјата укажуваат на сериозни отстапувања во споредба со младите на иста возраст во земјите во ЕУ, особено кога е во прашање бројот на малолетничките породувања, возраста при прв сексуален однос, процентот на корисници на современи средства за контрацепција, степенот на нарушувања на менталното здравје и ставовите за родовите улоги, итн.
Во поддршка за интегрирање на сеопфатното сексуално образование во формалниот образовен систем, Декларацијата ја потпишаа стручните здруженија и организации: Здружение на социјални работници на Македонија, Здружение на лекари Албанци, Здружение на лекари по општа медицина – семејна медицина, Институт за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, Македонско здружение на гинеколози и опстетричари, Македонско здружение на млади правници, Македонско лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистичките здруженија при МЛД, Психолошки центар Алтернатива, Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Центар за психосоцијална и кризна акција – Малинска, Центар за семејна медицина при Медицинскиот фактултет во Скопје, како и организациите кои работат со млади и маргинализирани групи ХЕРА, Коалиција Маргини, Субверзивен фронт и Хелсиншкиот комитет за човекови права.