Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
1

За текот на законодавната постапка во врска со инкриминацијата „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина“

На 16 јануари 2026 година, во Собранието на Република Северна Македонија беше одржана јавна расправа пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со кој се предлага воведување на нов член 152-а – „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина“.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) беше покането да учествува на јавната расправа и даде свое стручно мислење, засновано на практичното искуство во работа со случаи на родово засновано и дигитално насилство, како и на релевантните европски и меѓународни стандарди, вклучително и Истанбулската конвенција.

1
Мартина Дранговска Мартинова, правник во МЗМП (излагање достапно на  https://www.youtube.com/watch?v=08BA7BkTbXM )

Во текот на јавната расправа и во поднесеното писмено мислење, МЗМП ја изрази својата поддршка за воведувањето на посебна инкриминација за ваквите облици на злоупотреба, оценувајќи го тоа како важен и неопходен чекор. Со оваа инкриминација, за првпат на системски начин се адресира правната празнина што со години постоеше во пракса во однос на неовластеното споделување на интимни содржини, заканата со нивно објавување, како и создавањето и користењето на манипулирани и изменети материјали. Позитивно е што законодавецот предвидел и квалификувани облици на делото, особено кога истото е сторено спрема дете, како и построги санкции во случаи кога сторител е службено лице.

Истовремено, укажавме дека предложениот текст, без дополнителни појаснувања, може да создаде потешкотии во примената и ризик од невоедначена пракса.

Конкретно, МЗМП алармираше на следните прашања:

  • потребата делото концептуално да се третира како повреда на половата слобода и половиот морал, а не исклучиво како повреда на приватноста, имајќи ја предвид неговата насилна димензија и реалните последици по достоинството и психолошката состојба на преживеаните;
  • потребата од внимателно толкување на опфатот на делото, бидејќи неговото ограничување исклучиво на сексуално-експлицитна содржина може да остави надвор од заштитата случаи на злоупотреба на интимни материјали кои, и без експлицитна голотија, предизвикуваат сериозни последици по достоинството и психолошката состојба на лицето, со ризик истите да се квалификуваат како поблаги повреди на приватноста;
  • потребата од јасно разграничување на согласноста, при што согласноста за создавање на интимна содржина не подразбира согласност за нејзино споделување или друга форма на злоупотреба, како и јасна и засилена заштита на децата, при што секоја форма на согласност од страна на дете треба да се смета за правно ирелевантна;
  • значењето на препознавање на активната злоупотреба (закани, изнуда, контрола и понижување) како суштински елемент на делото;
  • потребата, кај дела сторени спрема деца, јасно да се задржи примарната примена на кривичните дела што се однесуваат на производство и дистрибуција на детска порнографија, секогаш кога се исполнети нивните законски обележја, при што членот 152-а не смее да стане поблага алтернатива, туку дополнителна алатка за случаи што не влегуваат во таа рамка, како што се закани или манипулирани содржини.

Во рамки на истата законодавна постапка МЗМП изнесе забелешки во однос на предложените измени на член 418-г, кој се однесува на трговијата со деца, особено во делот на квалификацијата на експлоатацијата на деца. Укажавме дека проблемите во пракса не произлегуваат од отсуство на инкриминација, туку од недоследна примена и погрешна правна квалификација, при што постои ризик сериозни случаи да бидат третирани како поблаги форми на повреда на правата на детето.

По завршувањето на јавната расправа, овие укажувања дополнително ги разработивме и доставна во форма на конкретни предлог-амандмани до пратениците. Дел од нив беа препознаени од поединечни пратеници, кои поднесоа амандмани што во суштина се темелеа на истите аргументи.

На седницата одржана на 23 јануари 2026 година, во рамки на надлежната собраниска комисија се дискутираше по поднесените амандмани. Амандманите поднесени од пратениците, кои во дел ги опфаќаа нашите препораки и аргументи, не беа усвоени. Со тоа, предложениот текст на член 152-а беше усвоен на ниво на комисија во форма без дополнителни интерпретативни појаснувања, а законодавната постапка продолжува во согласност со деловничката процедура во Собранието.

Во понатамошниот тек на законодавната постапка, како и во фазата на примена, особено значајно ќе биде начинот на кој член 152-а ќе се толкува и применува во пракса. Начинот на неговата примена ќе биде клучен за тоа дали новата инкриминација ќе обезбеди ефективна заштита и ќе ги одрази стандардите на човековите права и заштитата од родово засновано насилство.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.