Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
DSC 7452 scaled

Започна поддршката за воспоставување локални системи за превенција на детско престапништво

Со задоволство го одбележуваме почетокот на активностите за поддршка на локалните заедници во воспоставување на функционални системи за превенција на детско престапништво, во рамки на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија.

Активностите се реализираат во блиска соработка со Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, кој претставува клучен партнер и поддржувач во процесот на унапредување на системот за превенција.

Во изминатиот период беа реализирани две значајни средби со претставници на општините, меѓу кои и продуктивна средба во Општина Штип. На средбата присуствуваа градоначалникот, претседателот на Советот на општината, како и претставници од Центарот за социјална работа и СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип. Размената на искуства и ставови овозможи заедничко мапирање на постојните состојби и потенцијали за понатамошно унапредување.

Средбата потврди дека институциите во Штип располагаат со капацитети, знаење и посветеност за унапредување на системот за превенција. Постоечкиот потенцијал е значителен, а преку координирано делување и обединување во рамки на локален совет за превенција на детско престапништво, може да се постигнат поодржливи и поефективни резултати, со директни придобивки за децата. Формирањето и функционалното воспоставување на локалните совети ќе придонесе за навремена и рана превенција на детското престапништво, како и за подобрување на координацијата и комуникацијата меѓу институциите и зајакнување на меѓусекторската соработка на локално ниво.

Заедничките заложби на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца и Македонското здружение на млади правници се насочени кон обезбедување поддршка на локалните совети во развојот на програми и акциски планови, како и во воспоставување на механизми за нивно ефективно функционирање и операционализација. Во таа насока, ќе се развива и модел за менторска поддршка преку поврзување со веќе активни и успешни општински совети, со цел создавање одржлив систем кој ќе функционира и по завршувањето на проектот.

Македонското здружение на млади правници и Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца остануваат посветени на унапредување на локалните механизми за превенција, со уверување дека преку заедничка и координирана работа, локалните совети можат да прераснат во функционални платформи кои суштински придонесуваат за заштита и подобрување на животот на децата. Превенцијата започнува во заедницата, а токму таму се гради и долгорочната отпорност.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.