Ное
20
2025
Годишно собрание на МЗМП за 2025та година

Македонското здружение на млади правници на 19 ноември 2025 година го одржа редовното Годишно собрание на кое беа презентирани резултатите од изминатата година и беа утврдени насоките за работењето во наредниот период. Согласно статутарните обврски, Собранието ги разгледа и усвои Годишниот извештај за работа, завршната сметка, финансискиот план, како и извештаите на Претседателката и Управниот одбор Дневен ред.
Во рамки на собранието беше презентиран напредокот на организацијата во 2024–2025 година, при што беа истакнати неколку значајни системски постигнувања: утврдување институционална одговорност за етничка дискриминација, учество во националните политики за дигитална безбедност на деца, спречување штетни законски измени во делот на заштита на жените, јакнење на правото на здрава животна средина и поддршка на лица без државјанство, азиланти, ранливи групи и жртви на трговија со луѓе. Во различните програми и услуги МЗМП поддржа стотици корисници, иницираше постапки за животна средина, обезбеди примарна правна помош и учествуваше во јавни политики со национално значење Презентација Собрание МЗМП 2025.
Собранието потврди дека организацијата продолжува со сериозни организациски реформи – подобрена структура на работењето, редовна комуникација меѓу органите, транспарентност, подобрени административни процеси и јакнење на внатрешните капацитети. Во фокусот за 2025 остануваат програмите за човекови права, животна средина, дигитални права, миграции, превенција на екстремизам и вмрежување на младите правници.

Особено внимание беше посветено на презентацијата на кандидатите за нови членови на Управниот одбор, кои ги претставија своите визии за развој на организацијата. Во нивните програми, МЗМП се гледа како уште поактивен правен актер кој преку стратешко застапување ќе влијае на системските решенија и заштитата на јавниот интерес; како организација што развива професионални услуги за да обезбеди финансиска и програмска самоодржливост; како институција што интегрира вештачка интелигенција за да ги подобри правните анализи, пристапноста до информации и ефикасноста на работењето; и како здружение што поставува високи стандарди на управување, транспарентност и професионализам. Кандидатите се согласија дека МЗМП треба да продолжи да го јакне членството, да гради алумни мрежа, да создава можности за млади правници и да се отвора кон нови партнерства на национално, регионално и меѓународно ниво.
За членови на Управниот одбор беа избрани Диме Ѓорчевски, Борјанка Моневска, Назиф Авди, Љупка Новеска Андоновска, Гоце Коцевски и Арбен Гудачи.
Со изборот на новите тела и усвојувањето на планските документи, МЗМП ја затвора годината со јасна визија и силен подготвителен замав за следниот период. Организацијата останува посветена на пристапот до правда, на заштитата на ранливите групи и на развивање современи, иновативни решенија во интерес на граѓаните и владеењето на правото.