Мар
27
2026
Градење инклузивни и отпорни заедници (2021- 2026) – од резултати кон одржливи политики

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 25 март 2026 година во Скопје го одржа завршниот настан на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници “, на кој беа презентирани резултатите од петгодишната имплементација и се отвори стручна дискусија за актуелните безбедносни предизвици поврзани со радикализацијата и насилниот екстремизам. На настанот присуствуваа претставници од институциите, безбедносниот сектор, академската заедница, граѓанските организации и меѓународните партнери, со цел размена на искуства и унапредување на дијалогот за развој на ефикасни и одржливи политики во областа на превенција на радикализацијата.


Во воведниот дел, Павле Трајанов, Национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, нагласи дека, и покрај актуелните глобални конфликти, Република Северна Македонија засега останува стабилна. Тој посочи дека одржувањето на стабилноста бара внатрешна кохезија и институционална координација, при што глобалните случувања имаат директни импликации врз економијата, енергетиката и безбедносната состојба. Веса Кељменди, регионален советник во Global Community Engagement and Resilience Fund (GCERF), истакна дека формите на насилен екстремизам континуирано се менуваат и се трансформираат во нови облици, при што регионот се соочува и со политички мотивирани екстремизми. Таа укажа на постоење на структурни слабости во системите за превенција и ја нагласи потребата од вложување во толеранција, мир и работа со ранливи групи.
Резултатите од проектот ги презентираше Јасна Оровчанец Арангеловиќ, раководител на проектот во МЗМП, која истакна дека проектот опфаќа активности во десет општини и вклучува институции на централно ниво, локални заедници, медиуми и образовниот сектор. Во рамки на проектот се имплементираа повеќе од 50 состаноци на локални мултидисциплинарни тимови (ЛМТ) и 15 обуки и работилници, 6 координативни состаноци помеѓу Националниот комитет за ПНЕ/СТ и конзорциумите GCERF, 10 работилници и 60 менторски сесии за социјални работници, 106 работилници со деца, девет мултиетнички кампови, 34 работилници со родители и наставници, осум обуки за новинари, три медиумски анализи, како и документарниот филм „Скршени синџири: Враќање по ИСИС“. Таа ја истакна недоволната координација помеѓу затворските тимови и ЛМТ, како и потребата од воспоставување јасна и функционална законска рамка. Особено беше нагласен ризикот од онлајн радикализација кај децата од рана возраст.
Во рамки на првиот панел, Бобан Стојановски, експерт за безбедност и контратероризам, посочи дека фокусот во изминатиот период бил претежно насочен кон верскиот екстремизам, при што останале недоволно адресирани други форми на екстремизам со различна идеолошка основа. Тој се осврна и на улогата на социјалните мрежи како средство за пропаганда и радикализација, како и на ризиците поврзани со повратниците од странски боишта. Елена Кузмановска, државен секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се осврна на хибридните и онлајн закани, улогата на медиумите и влијанието на новите технологии, нагласувајќи дека државата, како земја кандидат за членство во Европската Унија, мора да дејствува усогласено со европските политики и меѓународното право.
Марјан Ѓуровски, професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет – УКИМ Скопје, предупреди дека, покрај исламскиот екстремизам, постојат и други облици на радикализација, вклучително и православен екстремизам и проруски влијанија. Тој ги посочи ризиците поврзани со учество на македонски државјани во странски конфликти и злоупотребата на навивачки групи, нагласувајќи ја потребата од засилена институционална координација. Нела Јакшиќ, геополитички аналитичар, истакна дека актуелните геополитички случувања, особено војната во Иран, ги надминуваат класичните безбедносни и економски рамки и придонесуваат кон нарушување на трансатлантските односи и откривање на безбедносните слабости во Европа. Според неа, енергетските и економските пореметувања, заедно со информацискиот хаос, го зголемуваат ризикот од радикализација, при што онлајн просторот сè почесто се користи за мобилизација, а одредени објекти стануваат потенцијални безбедносни цели.


Во рамки на вториот панел, Александар Карапетров, претставник на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, ја отвори дилемата за границите помеѓу слободата на комуникација и радикализацијата во дигиталниот простор, укажувајќи на потребата од внимателно дефинирање на законската рамка. Александар Грижев, професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, нагласи дека онлајн радикализацијата денес не е само безбедносен, туку и општествен предизвик, бидејќи влијае врз довербата, кохезијата и отпорноста на заедниците. Затоа, одговорот не смее да биде само реактивен, туку мора да вклучува рано препознавање, координација меѓу институциите и силна превенција, особено кај младите. За инклузивни и отпорни заедници, мора истовремено да се вложува и во безбедност, и во образование, и во дигитална писменост. Биљана Ристеска, претставник на Националниот центар за побезбеден интернет при Министерството за дигитална трансформација, посочи дека децата претставуваат особено ранлива категорија, при што улогата на училиштето и семејството е клучна, со оглед на тоа што радикализацијата често продолжува и надвор од образовниот систем. Владо Димовски, претставник од партнерската организација „Центар за толеранција и доживотно учење” низ низа примери од работата со децата, наставниците и родителите во рамки на проектот истакна дека децата се најподложни и дека ним им е најпотребна стабилна, информирана и сензитивна поддршка од возрасните околу нив.
Проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“, спроведен во периодот од 2021 до 2026 година, се заснова на интегриран пристап кој ги обединува трите клучни компоненти – превенција, заштита и одговор, со цел унапредување на националниот и локалниот систем за справување со радикализацијата и насилниот екстремизам.
Во рамки на проектот беа реализирани активности насочени кон зајакнување на институционалните механизми, вклучително и системски преглед на постојните процеси за спречување на насилен екстремизам и реинтеграција и ресоцијализација (РРР), како и развој на оперативни документи за функционирањето на локалните мултидисциплинарни тимови (ЛМТ). Преку координација со националните тела и релевантните институции, беше унапредена меѓуинституционалната соработка и беа воспоставени основи за поефикасно функционирање на системот. Дополнително, проектот придонесе кон зајакнување на капацитетите на професионалците од различни сектори – образование, здравство, социјална заштита и безбедност – преку реализација на тематски обуки, менторски сесии и развој на прирачник за психосоцијална поддршка и справување со траума. Овие активности овозможија унапредување на практичните знаења и вештини потребни за работа со лица изложени на ризик од радикализација, како и со повратници и нивните семејства.
Значаен сегмент од проектот беше насочен кон локалното ниво, каде што преку едукативни активности и интервенции беа вклучени деца, родители, наставници, како и претставници на локалните институции. Реализирани беа работилници, мултиетнички кампови, обуки и настани со цел зајакнување на социјалната кохезија, развој на критичко размислување и унапредување на капацитетите за ненасилно решавање на конфликти. Паралелно, проектот придонесе кон унапредување на јавните наративи и медиумското известување за темите поврзани со радикализацијата, преку подготовка на анализи за медиумско известување, обуки за новинари и продукција на видео содржини и документарен филм. Овие активности имаа за цел да поттикнат одговорно, балансирано и информирано известување.
Во текот на имплементацијата, проектот директно опфати вкупно 4,575 лица, вклучувајќи 620 претставници од институции, 60 претставници на граѓански организации, 1,100 претставници на заедници, 195 медиумски работници и 2,600 деца, родители и образовен кадар. Дополнително, преку активности насочени кон градење доверба и намалување на стигматизацијата, проектот придонесе за подобрување на прифаќањето на повратниците и нивните семејства во заедниците, што претставува клучен предуслов за успешна реинтеграција и долгорочна превенција.
Заклучоците од проектот укажуваат дека ефективната превенција на радикализацијата бара континуирано зајакнување на институционалните капацитети, функционална координација помеѓу релевантните чинители и активно вклучување на локалните заедници. Истовремено, се нагласува потребата од трансформирање на постигнатите резултати во долгорочни политики и механизми кои ќе обезбедат одржливост и системски одговор на безбедносните предизвици.
Проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“ го спроведуваше Македонското здружение на млади правници во партнерство со Центар за заедничка основа, Центар за толеранција и доживотно учење и Отворена порта „Ла Страда“, со поддршка на Global Community Engagement and Resilience Fund (GCERF).