Меморандум за соработка за зајакнување на дигиталните права и човековите права
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Министерството за дигитална трансформација на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка, кој поставува основа за партнерство насочено кон заштита на човековите права и дигиталната безбедност во ера на напредни технологии.
Меморандумот ја нагласува потребата за унапредување на сајбер-безбедноста, заштитата на личните податоци и обезбедувањето на правен идентитет за сите граѓани, особено за ранливите групи.
Со оваа соработка, МЗМП ќе обезбеди експертиза за поддршка на институциите, ќе иницира законски реформи за поефикасен упис во матичната книга на родени и обезбедување правен идентитет за секое дете, како и ќе спроведува компаративни анализи за усогласување со меѓународните стандарди за заштита на приватноста и личните податоци.
Министерството за дигитална трансформација, пак, ќе ја вклучи МЗМП во проекти, работни групи и активности поврзани со заштита на приватноста и дигиталните права. Дополнително, ќе обезбеди ресурси и поддршка за заеднички активности, вклучувајќи организирање обуки и работилници за подигнување на свесноста за заштита на дигиталните права кај институциите и јавноста.
Меморандумот исто така предвидува размена на информации за тековни и идни проекти, со посебен акцент на оние поврзани со дигиталните права, заштита на личните податоци и правниот идентитет на граѓаните.
Ова партнерство го потенцира значењето на транспарентноста, одговорноста и меѓусебната поддршка во процесите на дигитализација и владеењето на правото. Со заеднички напори, МЗМП и Министерството ќе работат на усогласување на националните политики со меѓународните стандарди и промовирање на дигиталните права како основен дел од човековите права.