ПРОМОВИРАН ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ЕФИКАСНОСТА НА ПРАВНАТА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО 2015 ГОДИНА
Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, спроведуван од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 17 февруари 2016 година, го промовираше годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во 2015 година. Настанот за промоција се одржа во хотелот „Холидеј Ин“, Скопје од 11.00 до 13.00 часот. На настанот беа поканети и учествуваа повеќе од 40 претставници од донаторската заедница, амбасади, државни органи и институции и граѓански организации активни во областа на заштитата на човековите права.
Извештајот претставува активност на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права во која се публикуваат повредите на човековите права кои се забележани од страна на Проектот и се анализира колку постојните правни средства за заштита на човековите права се ефикасни во поединечни случаи.
На промоцијата беше презентирана методологијата врз основа на која се изработи извештајот. Дополнително, беа презентирани три специфични проблеми на кои работеше Проектот – случајот со спречување на лица да излезат од државата, случајот со ретроактивна примена на пропис во областа на социјалната заштита како и специфичноста на заштитата на човековите права на бегалците и мигрантите кои транзитираат низ РМ.
Извештајот во електронска верзија на македонски јазик можете да го прочитате тука
Хартиени примероци од Извештајот можат да се добијат во просториите на Македонското здружение на млади правници. Извештајот ќе биде испечатен и на англиски јазик во текот на март 2016 г.
Со почит,
Проект на УСАИД за заштита на човековите права.
Македонско здружение на млади правници