Апр
01
2026
Барнахус моделот како системско решение: експертска тркалезна маса на МЗМП отвори дијалог за негова имплементација


На 31 март 2026 година, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) организираше експертска тркалезна маса на тема „Можности и предизвици за имплементација на Барнахус моделот во Република Северна Македонија“, во рамки на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија, со цел отворање на суштински дијалог за воспоставување на систем кој навистина ги става децата во центарот на правдата.
Во рамки на настанот беше презентиран драфт-документот за јавни политики „Барнахус модел во РСМ: Можности и предизвици за негова имплементација“, изработен во рамки на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија.
Преку отворена и стручна дискусија, учесниците ги разгледаа постојните институционални практики, празнините во системот и потребните чекори за воспоставување на функционален, координиран и детски прилагоден пристап во случаи на насилство врз деца.
На настанот присуствуваа претставници од клучни институции и организации кои имаат директна улога во системот за заштита и правда за деца, вклучително и Заводот за социјални дејности, Центарот за социјални работи – Скопје, Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа, Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми, Народниот правобранител, Воспитно-поправниот дом Тетово, Министерството за образование, Советот на Европа, Хелсиншкиот комитет за човекови права, СОС Детско Село, Националната мрежа „Глас против насилство“, како и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
На тркалезната маса беа поканети и други релевантни чинители: Адвокатската комора, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Врховниот суд, Министерството за здравство, Министерството за правда, Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, како и Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, кои поради други обврски не беа во можност да присуствуваат. Сепак, драфт-документот за јавни политики беше споделен со сите, обезбедувајќи основа за понатамошен институционален дијалог.


Барнахус- кога системот доаѓа кај детето
Барнахус (Barnahus), што се толкува како „Детска куќа“, претставува мултидисциплинарен модел кој ги обединува сите релевантни институции: полиција, обвинителство, социјални служби, здравствени и психолошки експерти во една, за детето прилагодена средина. Неговата цел е поставена по едноставен, но суштински принцип: наместо детето да се движи низ институциите, институциите доаѓаат кај детето.
Овој пристап директно одговара на една од најсериозните слабости на постојниот систем – повторната виктимизација. Во пракса, децата честопати се изложени на повеќекратни испрашувања од различни институции, што дополнително ја продлабочува траумата. Барнахус моделот го минимизира овој ризик преку еднократно, стручно спроведено интервју, кое може да се користи и како доказ во постапката, истовремено обезбедувајќи психолошка и социјална поддршка.
Истовремено, моделот овозможува:
- побрза и поефикасна институционална реакција,
- подобра координација помеѓу службите,
- поквалитетни и пократки судски постапки,
- и зголемена доверба на децата и семејствата во системот.
Во европски контекст, Барнахус веќе се смета за стандард за правда прилагодена на децата и е активно поддржан од Советот на Европа и Европската Унија како ефективен одговор на деца жртви.


Од препознавање до имплементација: потребна е јасна институционална заложба
Иако Барнахус моделот веќе е препознаен во националните стратегии и политики, неговата практична имплементација во Северна Македонија сè уште останува ограничена. Дискусијата на тркалезната маса јасно укажа дека воспоставувањето на овој модел не е само техничко прашање, туку бара системска трансформација, која подразбира:
- јасна и усогласена законска рамка,
- стабилно и долгорочно буџетско финансирање,
- континуирана обука на професионалците,
- и суштинска, а не формална меѓуинституционална соработка.
Без овие предуслови, постои ризик Барнахус да остане изолирана иницијатива, наместо интегриран дел од системот. Заклучокот од настанот е јасен, заштитата на децата не може да се гради преку фрагментирани решенија. Потребен е систем кој е координиран, предвидлив и прилагоден на потребите на детето. Со оваа експертска тркалезна маса, МЗМП ја отвора оваа тема како приоритетна и повикува на заедничка институционална одговорност за воспоставување на модел кој ќе обезбеди вистинска заштита, пристап до правда и достоинство за секое дете.