Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Народниот правобранител укажа дека постои дискриминација по основ на попреченост во областа на пристап до добра и услуги

Народниот правобранител на Република Северна Македонија, одлучувајќи по претставка за работењето на комерцијалните банки, поднесена од здружението, укажа дека има дискриминација по основ на попреченост во областа на пристап до добра и услуги.

МЗМП идентификуваше системска дискриминација на лицата со сензорна попреченост во пристапот до услугите за безконтактно плаќање кои ги нудат комерцијалните банки, поконкретно неиздавање на картички поради тоа што картичките, банкоматите и ПОС терминалите не ги поседуваат дополнителните заштитни елементи за безбедно користење од страна на лица со оштетување на видот. Во таа насока МЗМП поднесе претставка до Народниот правобранител поради непостоење на соодветно прилагодување на инфраструктурата, кое како обврска е предвидено во македонското и меѓународното право, во случај каде на лице со целосно оштетен вид не му е издадена соодветна платежна картичка.

Народниот правобранител постапувајќи по претставката укажува дека застапуваното лице е жртва на дискриминаторско постапување во областа на пристап до добра и услуги со неприлагодување на инфраструктурата и одбивањето да и се издаде прилагодена платежна картичка, земајќи го предвид фактот што истата не може да ги користи услугите и веќе подолг период е во понеповолна и нееднаква положба во остварување на своите права во однос на другите граѓани кои немаат сензорна попреченост.

Како и дека во моментот постои системски проблем во кој нема македонско право, односно референтен закон кој ќе овозможи заштита од дискриминација, пред се поради укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на Уставниот суд на РСМ. Токму поради тоа, Народниот правобранител посочува на потребата од унапредување на македонското законодавство во оваа сфера.

Народниот правобранител се обратил до Народната банка на РСМ, до Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност во РСМ и Владата на РСМ посочувајќи ги релевантните одредби од Уставот на РСМ и од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност и им укажал на потребата да се измени постојната банкарска и останата регулатива со која ќе бидат задолжени сите субјекти кои даваат одредени финансиски услуги, да го усогласат своето работење согласно постојната меѓународна и домашна регулатива која забранува дискриминација по било кој предвиден основ.

МЗМП го поздравува донесеното мислење на Народниот правобранител и неговата проактивност и залагање за надминување на детектираниот проблем.

МЗМП ги повикува сите надлежни институции соодветно да реагираат и да ги преземат сите мерки неопходни за промена на ваквата дискриминаторска практика. Во овој дел особено е важна улогата на комерцијалните банки кои мора да го прилагодат своето работење во согласност со македонските и меѓународните правни правила за заштита од дискриминација.

 

Лице за контакт: Александра Цветановска, проектен координатор во МЗМП, e-mail: acvetanovska@myla.org.mk, телефон: 075/427735

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.