МЗМП спроведе циклус на обуки за обезбедување пост-пенална помош на претходно осудени лица
Во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици“, финансиран од Европската комисија, Македонското здружение на млади правници спроведе циклус на обуки за обезбедување пост-пенална помош на претходно осудени лица.
На обуките учествуваа претставници на Пробациски канцеларии, Центри за социјални работи, Сектори за ресоцијализација и невладини организации од три региони во Република Северна Македонија, и тоа од Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Штип, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Охрид, Струга, Битола и Прилеп.
Обуките помогнаа во зајакнување на капацитетите на сите засегнати страни, нивно вмрежување и соработка со цел поуспешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица пред и по нивно отпуштање на слобода. Учесниците се стекнаа со нови знаења, вештини и информации, кои ќе им бидат корисни при работа со осудените и поранешно осудените лица, пристапот кон нив и давањето услуги на оваа категорија на лица.
Обуките се спроведоа по претходно изготвени два модули од страна на експертки со академско и практично искуство во темата и тоа: Лена Христовска од Секторот за ресоцијализација- Затвор Битола, Олга Кошевалиска, професорка на Правниот факултет при Универзитет Гоце Делчев- Штип, Весна Стефановска, професорка на факултетот за безбедност Скопје и Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд Скопје.
Првиот модул е наменет за социјални работници, пробациски службеници и други даватели на пост-пенална помош на претходно осудени лица. Вториот модул е наменет за лиценцирани даватели на услуги на локално ниво, невладини организации и други субјекти заинтересирани за обезбедување на иновативни социјални услуги за претходно осудени лица.
Преку предавања и интерактивни вежби беа разработени следниве поттеми:
- Вовед во кривичната правда за осудените лица – отпуштање на осудените лица од издржување на казната и постпенала помош
- Предизвици со кои се соочуваат претходно осудените лица
- Иновативни социјални услуги за претходно осудени лица за: Вработување и стручно оспособување, Третман за одвикнување на зависност од алкохол, дрога и психотропни супстанции и поддршка за ментално здравје, Реинтеграција во семејството, Правна и помош за домување и Ангажирање на заедницата за поддршка во реинтеграцијата
- Постпенален третман и помош: сервиси и услуги Можности и перспективи на постпеналната помош
- Соработка на пробациската служба со други органи и институции при спроведување мерки на заштитен надзор
- Соработка со заедницата во системот на постпенална помош
- Улогата на стручните работници и на пробациските службеници-Вештини и знаење
- Oсновање, организација, поим и цели на пробацијата и Надлежност на пробациската служба.
Првата обука се одржа на 28-29 февруари во хотел Солун во Скопје, за засегнатите страни од Скопскиот, Гостиварскиот, Тетовскиот и Кумановскиот регион.
Втората обука се одржа на 13-15 март во хотел Сириус во Струмица, за засегнатите страни од Штипскиот, Струмичкиот, Гевгелискиот и Кавадаречкиот регион.
Третата обука беше оддржана на 3-5 април во хотел Гранит во Охрид, за засегнатите страни од Охридскиот, Струшкиот, Битолскиот и Прилепскиот регион.
Обуките се спроведуваа во соработка со Управата за извршување на санкции и Заводот за социјални дејности.
Проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици„ е спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници, во партнерство со Хелсиншки комитет за човекови права, Македонско пенолошко друштво и Здружението Избор- Струмица.