Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
веф

ГРЕТА: законската рамка на Северна Македонија е подобрена, но на жртвите на трговија со луѓе им треба подобар пристап до правда и ефективни правни лекови

Групата на експерти за борба против трговија со луѓе (ГРЕТА) на Советот на Европа го објави својот трет извештај за евалуација со кој се поздравува напредокот на Северна Македонија во развојот на законодавната рамка за борба против трговијата со луѓе, но повикува на нејзина подобра имплементација во однос на пристапот на жртвите до правда и ефективни правни лекови.

Врз основа на посетата на ГРЕТА на земјата во март минатата година и информациите обезбедени од властите и граѓанското општество, извештајот содржи наоди и препораки за подобрување на пристапот на жртвите до правда.

Особено значајни се препораките на кои и ние како невладина организација, упатувавме во претходниот период, односно на нејасните одредби во Законот за бесплатна правна помош и Законот за кривичната постапка кои доведуваат и до нефункционален систем за бесплатна правна помош за жртвите на трговија со луѓе. Законот за бесплатна правна помош од една страна ја исклучува кривичната постапка, а од друга страна во преодните и завршни одредби упатува на примена на член 8 од стариот закон во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртвите од трговија со луѓе. Во отсуство на адвокати на товар на Буџетот на Република Северна Македонија, истите во претходниот период беа обезбедувани од страна на МЗМП и Отворена Порта.

ГРЕТА смета дека во одредбите за правна помош на жртвите на трговија со луѓе недостига јасност и забележува празнини во нивната примена.

Грета упатува дека државата мора да се осигура дека:

  • законската регулатива дава јасна основа за давање на правна помош веднаш штом има разумни основи да се верува дека некое лице е жртва на трговија со луѓе, пред да треба жртвите да одлучат дали сакаат да соработуваат со властите и/или да дадат изјава во полиција;
  • истражителите и обвинителите ги поучуваат жртвите за нивното право на правна помош и застапување, а таквото застапување се обезбедува од самиот почеток на кривичната постапка;
  • Одделeнието за бесплатна правна помош при Министерството за правда е сензибилизиранo за важноста на правната помош која треба да ја добијат жртвите на ТЛ и презема чекори да ги информира за соодветните процедури и да им овозможи пристап до правна помош;
  • се обезбедува соодветно финансирање на специјализирани невладини организации кои обезбедуваат правна помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и застапување во судските постапки;

ГРЕТА повикува на понатамошно зајакнување на идентификацијата на жртвите преку вклучување на Полициската единица за борба против трговија со луѓе во заедничките инспекции со Трудовиот инспекторат и во рациите спроведувани од страна на други полициски единици во простории каде што постои веројатност да бидат детектирани жртви.

Воедно ГРЕТА смета дека државните програми за реинтеграција на жртвите на трговија со луѓе не функционираат ефективно поради недостаток на финансиски средства за нивна реализација и поради недоволна вклученост на локалната самоуправа во управувањето со овие програми. ГРЕТА смета дека властите треба да го зајакнат ефективниот пристап на жртвите до пазарот на трудот и нивното економско и социјално зајакнување преку обезбедување на стручни обуки за нивно вработување.  

ГРЕТА е загрижена поради континуираното непостоење на безбедно сместување на машките жртви на трговија со луѓе и недостатокот на соодветно сместување за децата жртви. Оттука, ГРЕТА ги повикува властите да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси за помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и за специјализирани невладини организации кои имаат мандат да пружат помош, и да обезбедат ефективен пристап на жртвите на трговија со луѓе до здравствена заштита.

Целосниот извештај може да го погледнете на следниот линк

https://www.coe.int/en/web/skopje/-/greta-north-macedonia-s-legislative-framework-improved-but-human-trafficking-victims-need-better-access-to-justice-and-effective-remedies

* * *

Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) е независно тело кое го следи начинот на кој државите ја спроведуваат Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Сите држави-членки на Советот на Европа се обврзани да ја почитуваат Конвенцијата, како и државите не-членки, Белорусија и Израел.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.