Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
Zaedno za klimatska akcija Logo1white 1 scaled 1

ЈАВЕН ОГЛАС ЗА АНГАЖМАН НА НАДВОРЕШЕН СОРАБОТНИК ЗА ИЗРАБОТКА НА 10 (ДЕСЕТ) ИНФОРМАТИВНИ ВИДЕА

Македонското здружение на млади правници во рамки на проектот “Граѓанските организации во акција за климатските промени“, спроведуван од  Еко-свест, во партнерство со Македонското здружение на млади правници и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП и поддржан од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка – Sida, објавува јавен оглас за прибирање понуди за ангажман на надворешен соработник за изработка на 10 (десет) информативни/едукативни видеа наменети за еколошки граѓански организации.

  1. Опис на проектот и предмет на набавката

Општата цел на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ е зајакнување на улогата на граѓанското општество во процесот на намалување на емисиите на стакленички гасови и декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, за создавање на чиста животна средина, поттикнување на зелената економија и подобрување на здравјето на граѓаните во државата. Проектот се стреми кон (1) поттикнување на учество на граѓанските организации во носење на одлуките поврзани со климата, како и преку подобрување на капацитетите, знаењата и вештините, пружање поддршка на граѓанските организации за преземање на активности на локално ниво и (2) подигање на јавната свест за можностите на постоење на зелени економии со ниско ниво емисии на јаглен, како и притисок на јавноста врз институциите со цел развој на политики и програми во насока на намалување на емисиите на стакленички гасови и декарбонизација. За остварување на поставените цели, Проектот во себе вклучува три типа на активности: (1) градење на капацитетите на граѓанските организации, (2) директна помош за граѓанското општество и (3) подигнување на јавната свест и работа на политики.

2. Предмет на набавка

Предмет на набавка е изработка на 10 (десет) информативни видеа на македонски јазик со титлување на македонски јазик. Секое видео треба да биде информативно и да содржи: 2Д анимиран материјал и нарација на видео снимен материјал. Видеата треба да се изработат во HD 1080p квалитет и во формат соодветен за онлајн користење на социјални медиуми. Секое од изработените видеа треба да биде со должина од 180-300 секунди.

Целна група на видеото се локални (grass root/активистички) еколошки граѓански организации.

МЗМП на избраниот вршител ќе му достави релевантни законски одредби за секоја од наведените теми. Избраниот вршител ќе треба законските одредби за секоја од темите на видеата да ги разработи во сценарио. Сценариото за секое видео треба на едноставен и разбирлив начин да ги претстави релевантните законски одредби.

Видеата ќе обработуваат теми за учество на јавност во постапки за заштита на животната средина и издавање еколошки дозволи/анализи за влијание на проекти врз животната средина.

Списокот на теми кои ќе бидат обработени во видеата е даден во Анексот I на овој оглас.

Делокругот на работа опфаќа:

  • Разработка на креативен и идеен концепт за 10 видеа преку кој ќе бидат претставени информациите од секоја од темите
  • Разработка на 10 сценарија за претставување на правни прописи на граѓански организации
    • МЗМП ќе ги систематизира правните одредби за секоја од горенаведените теми, кои ќе треба да се разработат во сценарио
  • Подготовка (снимање, анимација, едитирање, аудио продукција) на 10 информативни видеа со нарација
  • Одржување состаноци со проектниот тим и постапување по потенцијалните коментари
  • Спроведување на правилата за видливост на донаторот во соработка со проектниот тим

3. Надомест

Вкупниот надомест за извршената услуга не може да ја надминува сумата од 452.222,00 денари со вклучен ДДВ.

Плаќањето ќе се изврши вирмански по издадена фактура на следниот начин: 50% по доставување на драфт видеата и 50% по финално одобрување на видеата.

4. Сопственост

Информативните видеа кое ќе произлезат од ангажманот ќе останат во сопственост на Македонското здружение на млади правници и Проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“.

5. Рок на испорака

Видеата од точката 2 треба да бидат изработени и одобрени најдоцна до 25 декември 2022 година.

Избраниот понудувач може самиот да го организира времето и рокот на продукција на видеата, со почитување на крајниот рок за завршување на услугата.

Избраниот надворешен соработник ќе ги добие систематизираните правни одредби за секоја од наведените теми во точката 2 од овој повик, најдоцна до 20 ноември 2022 година.

6. Право на учество

Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице-понудувач, кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.

Економскиот оператор во рамките на иста постапка за доделување на договор за набавка може да учествува само со целосна понуда за набавката.

7. Изготвување и поднесување на понудите

Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во овој повик.

Секоја понуда треба да содржи:

  1. Финансиска понуда (изразена во денари со вклучен ДДВ)
  2. Генерален концепт за видеата
  3. Документ за регистрирана дејност (тековна состојба)
  4. Портфолио од ангажмани за комуникациски материјали во областа на човековите права и заштита на животната средина, како и работа на анимирани видеа и кампањи на невладини организации
  5. Изјава, потпишана од овластениот застапник на правното лице, дека не постои судир на интереси, дека против правното лице не се води кривична постапка и дека на правното лице и овластениот застапник со правосилна пресуда не е изречена кривична санкција

Финансиската понуда треба да биде доставена во форматот кој се наоѓа на следниот линк.

Понудата треба да се достави по електронски пат, на е-пошта: dnastevska@myla.org.mk и btrpevski@myla.org.mk со назнака: Барање за прибирање понуди за изработка на информативно анимирано видео. Понудите треба да се достават најдоцна до 11.11.2022 година до 23:59 часот.

8. Процес на селекција и бодување

За носител на набавката ќе биде избран понудувачот чија понуда е оценета како најповолна, односно која ќе освои најголем број бодови, според следните критериуми:

  1. Понудена цена (најмногу 40 бода)
  2. Евалуација на портфолиото на понудувачот (најмногу 20 бода)
  3. Евалуација на понудениот концепт за изработка на видеата (најмногу 40 бода)

Лице за контакт за јавниот повик: Бојан Трпевски, телефон: 02 3 220 870

АНЕКС I

Листа на теми кои ќе се обработуваат во информативни видеа

  1. Механизми за учество на јавноста на локално ниво (Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните);
  2. Постапка за спроведување на референдум на локално и национално ниво (Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните);
  3. Обврски на граѓанските организации според Законот за фондации и здруженија на граѓани (задолжителни елементи на статут на здружение на граѓани, задолжителни органи на здружение на граѓани, обврски за јавност во работата на здруженија на граѓани и сл.);
  4. Учество на јавноста во процесот на изготвување закони и измени на закони (Методологија за проценка на влијанието на регулативата и Упатство за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата)
  5. Издавање на интегрирани еколошки дозволи и учество на јавноста во процесот на издавање на дозволите (Закон за животната средина);
  6. Спроведување на постапка за Оцена на влијанието врз животната средина и учество на јавноста (Закон за животната средина);
  7. Надлежности, поднесување иницијатива за инспекциски надзор и спроведување на инспекциска постапка во животната средина (Закон за инспекција во животната средина, Закон за инспекциски надзор, Закон за животната средина и други закони од областа на животната средина);
  8. Три теми и области кои ќе бидат дополнително утврдени.
NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.