Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

„Младински иницијативи за одржлива животна средина на локално ниво“- конференција за влијанието на младите за заштита на животната средина и климатските промени

На 28.02.2024 во Скопје се одржа конференцијата „Младински иницијативи за одржлива животна средина на локално ниво“ на која млади активисти, претставници од граѓански, младински организации и организации за млади, како и претставници на општините дискутираа за важноста на влијанието на младите за заштита на животната средина и климатските промени на локално ниво; за потребата од правна, менторска и активистичка поддршка за преземање на иницијативи за заштита на животната средина на локално ниво како и за идентификацијата на предизвиците со кои младите се соочуваат при примената на Законот за младинско учество и младински политики.

За време на првиот панел младите и младинските организации ги презентираа своите  иницијативи за заштита на животната средина на локално ниво. Тие ја истакнаа важноста на едукацијата за заштита на животната средина, климатските промени и младинскиот еко активизам како клучна алатка со која тие стекнуваат знаења од областа на животната средина и климатските промени и се здобиваат со вештини за младински еко активизам.

Младите еко активисти презентираа иницијативи за редовно собирање на отпадот во руралните средини и поставување доволно садови за одлагање на отпадот, поставување на чешми со посебен вртеж во центарот на градот Скопје преку кои од една страна ќе се штеди водата (еколошки аспект), а од друга страна преку посебен дел и животните ќе може да конзумираат вода (хуман аспект), потоа поставување на мрежа долж течението на реката Вардар во градското подрачје на одредени подобни сливови со цел собирање на отпадот кој редовно ќе се собира и селектира. Тие добија менторска поддршка од млади правници и млади професионалци со кои заеднички работеа на стратегии за реализација на иницијативи за идентификуваните проблеми во животната средина.

Во вториот панел претставници од локалните младински совети од општините Македонски Брод, Охрид, Гевгелија и Босилово се осврнаа на предизвиците на локалните младински совети за спроведување на иницијативи и креирање политики за заштита на животната средина на локално ниво. Тие зборуваа за важноста на локалните младински совети, на поддршката која општините им ја даваат на младите, како и за потребата од менторска и техничка поддршка за креирање на поликити и спроведување на ицијативи на локално ниво за заштита на животната средина и климатските промени.

Како предизвици во работата на локалниот младински совет како советодавно тело, беа истакнати  финансиите, потребата за поголема ангажираност на службениците на млади кон младите и членовите на локалниот младински совет, како и потребата од зајакнување на нивните капацитети. Сите едногласно апелираа до младите да се обратат до локалниот младински совет во нивната општина каде што ќе наидат на разбирање и поддршка, но и соработка со нивната иницијатива ќе биде успешно реализирана.

На третиот панел учествуваа претставници на пет организации кои се дел од субгрантирањето во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини”. Тие ги претставија нивните иницијативи- од рестраврација на урбана опрема во Преспанскиот регион, уредени пешачки зони, воспоставување соработка со општина Ресен и јавното комунално претпријатие, воспоставени дијалози со месната заедница, договорен модел за соработка за идно теренско одржување на просторот, преку мониторирање на лишаите да се утврди различниот степен на аерозагадувањето во различните локалитети во Вардарскиот регион, вклучување на ученици во изработка на мерни инструменти за детекција на аерозагадувањето, спроведување на паралелен еко мониторинг во урбаниот дел на Општина Карпош и на планината Водно ,потоа воспоставување на дигитална алатка за мапирање и идентификација на диви депонии во пелагонискиот регион, како и промоција на одржливи практики, управување со животна средина и ангажман на заедница во струмичкиот микро- регион преку унапредување на зелените политики, справување со еколошките предизвици и поттикнување колективна одговорност на позелена иднина во Струмичкиот регион.

Завршниот панел беше отворен за разговор за (не)мотивираноста на младите за зазеленување на локалните политики користејќи ги механизмите од Законот за младинско учество и младински политики. Дискусијата ја водеа претседателот на Студентското собрание на УКИМ, Потпреседателката на Унијата на средношколци, претставник од Коалицијата за младински организации, како и претседателот на Националниот младински совет.  

Заклучни согледувања на сите присутни беа дека е потребна работа на мотивирање и градење на капацитетите кај младите и кај единиците на локалната самоуправа, континурана менторска поддршка на младите и на единиците на локалната самоуправа; младинските организации, организациите за млади и чадор организациите да ја подобрат соработката и да вршат притисок кон централните и локалните власти за исполнување на обрските од Законот за младинско учество и младински политики; и младинските организации и организации за млади да се регистрираат во Регистарот на Агенцијата за млади и спорт.

Конечно, Македонското здружение на млади правници во соработка со партнерските организации Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин, Центар за климатски промени и Здружение за млади Креактив изработија заложба за посветеност и активен придонес за одржлив развој во областа на заштита на животната средина и климатските промени преку зголемување на младинскиот активизам и младинските иницијативи на локално ниво.

Учесниците на конференцијата се заложија и се обврзаа за :

  • Зголемување на младинските иницијативи за заштита на животната средина на локално ниво,
  • Поголема вклученост на младите во процесот на креирање и донесување одлуки на локално ниво;
  • Назначување на службеник за млади во општините кои ќе соработуваат со локалните младински совети но и со младинските организации и организации за млади;
  • Креирање и спроведување на политики за млади поаѓајќи единствено од потребите и интересите на младите да се зајакне учеството на младите во процесите на креирање на политики за млади,
  • Промоција и заштита на интересите на младите и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога;
  • Промовирање на меѓугенерациското партнерство за поддршка и учество на младите во процесите на донесување на одлуки и политики;
  • Поттикнување на волонтерство, младински активизам и младинска работа на локално ниво,
  • Охрабрување и мотивирање на младите почесто да се вклучуваат во акции и иницијативи за прашања кои ги засегаат младите, а се поврзани со заштита на животната средина и климатските промени и младински активизам; 
  • Членовите на локалните младински совети да предложуваат точки на дневен ред на Советот на општините кои ги засегаат младите а се поврзани со заштита на животната средина и климатските промени и да иницираат прашања за млади од делокругот на работата на општините, да иницираат, учествуваат и даваат повратни информации за процесот на локална младинска стратегија и други политики.

Конференцијата е организирана во рамки на проектот “Младински активизам за позелени општини” поддржан од Европска Унија, а спроведуван од Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина ГОУ ГРИН, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.