Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

КОМПЈУТЕРСКИОТ КРИМИНАЛ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НИЗ ПРИЗМАТА НА МВР

Во последните години информатичките и комуникациските технологии преовладуваат во речиси сите аспекти од животот на луѓето, овозможувајќи им непречена комуникација, поедноставување при извршување на секојдневните обврски, пристап до потребните информации, исполнување на слободното време и забава.

Меѓутоа, покрај позитивните страни – социјализација и едукација, новите технологии имаат и негативни страни кои се однесуваат на злоупотреба на нивните функции. Интернетот денес, меѓудругото, се користи и за ширење говор на омраза, повикување на насилство, споделување на содржини/пораки кои се поврзани со темната страна на човечките активности (хазардни игри, порнографија, педофилија, проституција, трговија со оружје, здружување на милитантни групи и тероризам).

Оттука, справувањето со овој вид на криминал бара специфични знаења и мултидисциплинарен пристап. Неопходно е креирање на кохерентна рамка која ќе овозможи регулирање на интернет просторот и јакнење на капацитетите на надлежните органи кои се вклучени во борбата против компјутерски криминал.

Компјутерскиот криминал во земјата во пораст

Како надлежен орган за постапување во случаи поврзани со компјутерски криминал е Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во рамки на Министерството за внатреши работи (МВР). На својата веб страница, МВР подетално ги има информирано граѓаните за појавните облици на компјутерски криминал и за начинот на заштита на дигиталните права во онлајн просторот.

Во Северна Македонија се забележува пораст на бројот на кривични дела од областа на компјутерски криминал, а најчесто станува збор за измами при купување на интернет, злоупотреба на лични податоци, неовластено навлегување во компјутерски систем како и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Уште од порано е забележана појава на интернет измами со нелегално преземање и измамничко посредување во деловната комуникација преку електронска пошта помеѓу македонските компании и нивни бизнис партнери од странски земји, претежно од Азија, Африка и Латинска Америка. Како што е појаснето на веб страницата на МВР, добро организирани криминални групи со примена на т.н фишинг пораки, односно методи на социјален инжинеринг, успеваат да ја „украдат“ лозинката за пристап до електронската пошта на еден од бизнис партнерите при што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Овие групи креираат нови e-mail адреси кои незначително се разликуваат од оригиналните, поради што тешко се забележува разлика во понатамошната комуникација. Пораката ја преземаат, ја модифицираат и ја испраќаат од една од креираните e-mail адреси. Потоа праќаат порака до партнерот дека ја имаат променето банкарската сметка за уплата на средства и бараат авансните средства да бидат уплатени на нова сметка која ја доставуваат во прилог.

Во полициските билтени меѓудругото, се нотирани и пријави за злоупотреба на лични податоци главно поврзани со компјутерски криминал. Најчесто станува збор за случаи кога некое физичко лице дало свои лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса на живеење) и копија од документ за лична идентификација на друго лице. Без негово знаење и согласност измамникот подигнува брз кредит, а измаменото лице дознава дури откако ќе добие известување од финансиското друштво за задоцнето уплатена рата или ненавремено враќање на долгот. Оттука, граѓаните потребно е да бидат повнимателни при комуникацијата на интернет со непознати луѓе, да внимаваат каде ги даваат своите лични податоци и да не вршат уплата на средства на банкарски сметки на компании кои за нив се непознати.

Нема сомнеж дека во последните неколку години се случија неколку сајбер напади врз системот на поедини министерства и државни агенции; поднесени се безброј кривични пријави за измами случени на интернет; граѓаните пријавувале дека некој преку порака на социјалните мрежи им се заканувал со употреба на физичка сила (кривично дело „загрозување на сигурноста“), a медиумите известуваа за сторени идентитетски кражби и украдени илјадници евра од платежните картички на македонските граѓани.

Безбедносни мерки за заштита

Министерството укажува на неколку безбедносни мерки што компаниите можат да ги преземат: да користат повеќекратен начин на авторизација и автентикација и да креираат сложени лозинки и редовно да ги ажурираат се еден дел. Еден од советите е и задолжително да се прави телефонска или друг вид на потврда со деловниот соработник за договорените фактури/профактури, доколку се воочи измена во банкарските податоци каде треба да се уплатат паричните средства. При сомневање за измама, да се пријави на одговорните во банката каде што правниот субјект е клиент, за да може да се интервенира при процесирање на трансакцијата. И секако, задолжително е пријавување во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика односно во ОКК на регионално ниво (СВР Скопје, СВР Велес, СВР Штип, СВР Струмица, СВР Битола, СВР Охрид, СВР Тетово, СВР Куманово).

Борба со компјутерскиот криминал

За успешно разоткривање на ваквите меѓународни криминални групи, пронаоѓање на сторителите и нивно казнување е потребна координација и соработка помеѓу надлежните институции во земјите на засегнатите страни. Меѓутоа, поради комплексниот начин на водење истрага која ги вклучува меѓународните организации за полициска соработка и различните законски регулативи во државите каде се одлеваат „украдените“ парични средства, најдобриот начин за борба против овој вид на криминал е превенцијата и високото ниво на свест при користење на интернет мрежата во деловната комуникација.

Сето ова укажува на тоа дека МВР во рамки на своите надлежности треба да ги развива капацитетите за обезбедување на електронски докази, информации во електронска форма со цел поддршка на сите истраги кои се водат во рамки на институцијата односно, преземање на сите неопходни мерки за целосно документирање на пријавените случаи на компјутерски криминал. Притоа, треба да се земе предвид дека истрагите од областа на компјутерскиот криминал претставуваат предизвик за истражните органи и истовремено истите во голема мера се разликуваат од истрагите од областа на класичниот, конвенционален криминал.

Ефикасната превенција, откривањето, гонењето и покренувањето на кривични постапки против сторителите на вакви кривични дела е дополнително отежнато поради транснационалниот карактер на овие кривични дела, каде што најчесто не постои физички контакт помеѓу сторителот на делото и жртвата зошто се наоѓаат во различни држави, оддалечени илјадници километри. Оттука, поради обезбедување на соодветни докази е потребна навремена реакција на надлежните државни институции и остварување полициска соработка на меѓународно ниво.

За авторот: Викторија Тасева е дипломиран правник по казнено право, во моментот вработена како униформиран полициски службеник во ПС ОН Кочани. 

Текстот е напишан како дел од кампањата „Приватноста е бесценета. Заштити го твојот дигитален свет!“. Оваа иницијатива е посветена на зајакнување на дигиталната генерација со цел да ја преземе контролата врз своите лични податоци.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.