Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

ЧУВАРИ НА ПРИВАТНОСТА: КРЕИРАЊЕ СИЛНИ ЛОЗИНКИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ОНЛАЈН

Несомнено е дека животот без дигитализација во 21 век е незамислив. Дневно посетуваме безброј веб страници, споделуваме слики, видеа, лични податоци – телефонски број, електронска пошта, адреса на живеење, банкарски сметки, или со други зборови – оставаме личен дигитален отпечаток. Дигиталната технологија денес се јавува како механизам за остварување на секојдневни активности и воопшто, алатка која ни го олеснува секојдневниот живот.

Следствено, централен елемент во светот на брзорастечката дигитална ера испреплетена со развојот на технологијата, стана токму заштитата на личните податоци и информации. Така, првата линија на одбрана во областа на заштита на податоците е поставувањето лозинки, пред сé, силни лозинки, кои се тешко пробивливи, дури и од професионалните сајбер – напаѓачи. Движејќи се низ “морето“ на сајбер – просторот, важноста од создавањето на силни лозинки е непроценливо. Оваа статија се фокусира на значењето на создавањето безбедни и силни лозинки, како клучен елемент во заштитата на приватноста и личните податоци.

Што претставува силна лозинка?

Најопшто дефинирано, силна е онаа лозинка која не е лесна да се погоди, лозинка отпорна на напади, која е тешка за пробивање од страна на автоматизирани програми наменети за таа цел. Поимот “силна лозинка“ опфаќа неколку сегменти, кои и даваат на таквата лозинка токму епитет на силна или безбедна:

  • Сложеност – силната лозинка обично се состои од комбинација на големи и мали букви, бројки и специјални знаци. На тој начин се минимизираат злонамерните обиди за неовластен пристап. Дополнително, за подобрување на јачината на лозинката, се користи и замена на букви со бројки или користење симболи наместо одредени знаци.

На пример:  

Слаба лозинкаДобра лозинкаСилна лозинка
roserosemary1033Rosemary1033@-@
isumisumsoft$$iSumsoft100$$*_*
jellyfishjelly22fishJelly22fi$h
blackberryblackberry:DbLackberry:D
alibabaalibaba555Alibaba&mayu555+
ebay123ebay7slowEbay7slow:p
  • Должина на лозинката – подолгите лозинки се вообичаено побезбедни од

пократките, бидејќи го зголемуваат бројот на можни комбинации. Препорачливо е да креирате лозинки со минимална должина од 12 знаци, а пожелни се дури и подолги лозинки, ако се во прашање сметки од поголемо значење.[1]

  • Уникатност –  витален аспект на креирањето на лозинка претставува уникатноста. Во контекст на уникатноста на лозинките, се поставува и прашањето дали е добро да се користи иста лозинка на повеќе места.

Дали е добро користењето иста лозинка на повеќе социјални мрежи /сметки /алатки /апликации?

Несомнено е дека многумина практикуваме користење иста лозинка на повеќе сметки, бидејќи едноставно, полесно ни е да запаметиме само една (иста) лозинка (која ќе ја користиме за секоја наредна сметка/апликација), отколку повеќе (различни) лозинки. Сепак, преовладувачко гледиште е дека користењето на иста лозинка на повеќе сметки претставува значителен ризик. Ова е од причина што ако една сметка е загрозена, следствено, безбедноста на сите поврзани сметки е загрозена.[2] Затоа, секоја онлајн платформа или услуга треба да има своја посебна и силна лозинка. Иако помнењето повеќе различни и сложени лозинки е предизвик за човековиот ум, употребата на алатки за управување со лозинки може да го олесни таквиот предизвик. Овие алатки не само што генерираат и складираат безбедни лозинки за секоја сметка, туку и на корисниците им овозможуваат лесен пристап до истите, без да ја загрозат нивната безбедност.

Mојата лозинка е пробиена, како да постапам?

Доколку Вашата лозинка е пробиена, нужно е да ја смените веднаш. Изберете нова, силна лозинка со мешавина од букви, бројки и симболи. Проверете дали е единствена за таа сметка. Следно, погледнете ја активноста на вашата сметка. Проверете дали има невообичаени најавувања или дејства што не сте ги овластиле. Многу веб-локации ви дозволуваат да ја прегледате неодамнешната активност, помагајќи Ви да забележите какво било сомнително однесување. Доколку претходните дејствија кои ги преземавте укажуваат на тоа дека податоците не Ви се злоупотребени, пристапете кон антивирусно скенирање: скенирајте го вашиот компјутер или уред од вируси или малициозен софтвер.

  • Внимавајте на какви било знаци на кражба на идентитет. Редовно проверувајте ги вашите банкарски изводи и кредитни извештаи за да се осигурате дека нема сомнителна активност поврзана со вашите сметки.
  • Доколку забележите злоупотреба на податоци или ако се преземени дејствија кои не се овластени од Ваша страна, контактирајте ја платформата или давателот на услугите за пробивањето (хакирањето) на Вашата лозинка. Нивните веб страни може имаат чекори што треба да ги следите или начини да помогнат подобро да ја заштитите вашата сметка.
  • Конечно, побарајте совет и од експерти или професионалци. Тие можат да ве упатат на најдобрите чекори што треба да ги преземете, особено ако чувствителните информации може да бидат изложени на ризик.

Со преземање на овие чекори навремено, можете да го минимизирате влијанието на потенцијалното хакирање и подобро да го заштитите вашето онлајн присуство и личните информации.

Препораки за зачувување и безбедност на лозинките

  • Користете алатки за управување со лозинки: управувачот или „менаџерот“ на лозинки ги чува сите ваши лозинки во шифриран „сеф“, кој се отклучува со една главна лозинка или  биометриска автентикација. На овој начин, треба да запомните само една силна лозинка, имајќи притоа единствени и сложени лозинки за секоја сметка поединечно. Популарни управувачи со лозинки се: LastPass, Dashlane и 1Password.
  • Овозможете двофакторска автентикација: активирај 2ФА секогаш кога тоа е возможно. На тој начин, добивате дополнителен слој на безбедност, кој обично бара да внесете код (испратен до вашиот телефон или електронска пошта), покрај вашата лозинка.
  • Внимавајте на обидите за измами со фишинг: избегнувајте кликање сомнителни линкови во електронската пошта или пораки кои бараат ваши ингеренции за најава, претставувајќи се во име на некоја компанија или позната личност. Легитимните и професионални компании, во никој случај не би побарале Ваши лозинки преку е-пошта.
  • Периодичното менување на лозинките ја намалува веројатноста на неовластен пристап, особено во случај на злоупотреба на податоците. Бидете проактивни во ажурирањето на своите лозинки, избегнувајќи предвидливи обрасци и прифаќајќи ја динамичната природа на дигиталната безбедност.

Би заклучила дека основен аспект за заштита на нашето “онлајн царство“ е создавањето безбедни лозинки. Со прифаќање на сложеноста, должината и уникатноста, поединците можат да го зајакнат своето дигитално присуство и да се заштитат од потенцијални закани и злоупотреби. Дополнително, употребата на алатки за управување со лозинки и усвојувањето проактивен пристап за одржување на лозинките, ја подобрува севкупната ефикасност на овој одбранбен механизам.

Приватноста, безбедноста и заштитата на податоците не е луксуз, туку право. Заштитете го Вашето право со силна лозинка!

За авторот: Магдалена Бошевска е студент на мастер студии по Казнено Право и координатор на Правната Клиника по Казнено Право, при Правен Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Вклучена во влијателни проекти на невладини организации, Магдалена Бошевска беспрекорно ги комбинира академската посветеност со страста за општествени промени, пред сé на полето на правдата и правичноста. 

Текстот е дел од кампањата „Приватноста е бесценета. Заштити го твојот дигитален свет!“. Оваа иницијатива е посветена на зајакнување на дигиталната генерација со цел да ја преземе контролата врз своите лични податоци.


[1] Како што се на пример, банкарските сметки. Може да се забележи дека речиси сите сметки/апликации се user – friendly и практично не дозволуваат креирање на сметка со слаба и кратка лозинка (без интерпункциски знаци, бројки, голема буква и сл.)

[2] На пример, ако некој Ви ја пробие лозинката на една сметка, голема е веројатноста дека ќе се обиде да ја пробие лозинката и на друга Ваша сметка, користејќи ја истата лозинка од првопробиената сметка

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.