Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

„Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализаци и реинтеграција на поранешно осудени лица”- нов тригодишен проект на МЗМП

Рехабилитацијата на осудените лица и нивната успешна социјална реинтеграција во општеството треба да бидат меѓу основните цели на кривично правниот систем. Правно обврзувачките меѓународни конвенции за човекови права, како и стандардите и нормите на Обединетите нации за спречување на криминалот и кривичната правда, јасно ја признаваат оваа точка и ја нагласуваат важноста на активностите кои се насочени кон социјална реинтеграција на осудените лица како средство за спречување на понатамошен криминал и заштита на општеството.

(Меѓународни стандарди и норми на ОН)

Вчера (21.12.2022) го промовиравме проектот „Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица”.

Проектот го спроведуваме во партнерство со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Македонското пенолошко друштво и Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции ИЗБОР. Истиот е во траење од 36 месеци и е финансиски подржан од Европската унија.

„Во услови кога бројот на вкупно осудени лица опаѓа, стапката на рецидивизам бележи пораст, што уште еднаш ја потврдува тезата за значењето на постпеналната помош во превенирањето на рецидивизмот. Од вкупниот број порано осудувани лица, најголем број се осудувани за истовидни дела (во просек 40%) (специјален поврат) и за други дела (во просек 39%) (генерален поврат), иако низ годините овие бројки варираат. Во просек 21% се повторно осудени за истовидни и за исти дела”.  Ова се дел од податоците, составен дел од анализата на Македонското пенолошко друштво, изготвена во рамките на овој проект.

Токму и главната цел кон која е насочен проектот е намалување на рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивно отпуштање на слобода преку зајакнување на политиките и сервисите за нивна ресоцијализација, реинтеграција и пост-пенална грижа во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди.

Многуте активности кои се предвидени со овој проект се поврзани со остварување на три резултати:

  • Подобрување на квалитетот и достапноста на услугите за поддршка на осудените лица пред отпуст и сервисите за пост пенална заштита на претходно осудените лица и лицата под пробациски надзор со цел нивна ресоцијализација и реинтеграција
  • Зајакнување на капацитетот и меѓу-институционалната соработка помеѓу казнено-поправните установи, судовите, пробациските службеници, центрите за социјална заштита и другите даватели на услуги за ресоцијализација, пробација и пост-пенална заштита и
  • Подобрување на правната рамка и политиките за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, претходно осудени лица како и лицaта под пробациски надзор врз основа на истражувања и најдобри практики.

Промотивниот настан започна со воведни излагања од страна на претставници на релевантни државни институции и продолжи со промоција на активностите на проектот која вклучуваше и значајна дискусија како и предлози за понатамошна одржливост на проектот.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во РСМ Карл Џијацинти истакна дека:

Ова е навремена и многу важна иницијатива на граѓанското општество. Земјата веќе ги започна преговорите и овој месец се одржаа и билатерални средби за Поглавјето 23. Ги охрабрувам сите да го искористат овој процес и да придонесат за реформи во овој дел кои едноставно не смеат дополнително да се одложат. Претходно и воспоставувањето на пробациската служба беше предизвик, но денес е реалност. Проектот што го презентираме денес ќе даде некои долгорочни решенија за овие проблеми. Неговите амбициозни цели бараат силна меѓуинституционална координација помеѓу судовите, казнено-поправните установи, службениците за условна казна, центрите за социјална заштита и давателите на услуги. Ги повикуваме сите релевантни актери да ја поддржат оваа иницијатива која, доколку биде успешна, дополнително ќе ги подобри условите за ресоцијализација, реинтеграција и постпенална нега.

Наташа Станоевиќ, советничка од кабинетот на Министерката за труд и социјална политика истакна дека:

Темите за ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица, актуелни се години наназад, направени се обиди за активна стручна подршка на овие лица , но за жал можам да констатирам дека овие активности до сега не се спроведени. Целокупната подршка од страна на Центрите за социјална работа како надлежни институции кои треба да постапуваат се сведува на доделување на еднократна парична помош на лицата кои ја издржале затворската казна.Оваа тема ми е позната бидејки како социјален работник кој активно работеше на терен, се соочував со недостигот на ресурси за работа со овие лица.

Рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивно излегување на слобода треба да биде  дел од стручната работа на мултидисциплинарни тимови кои ќе понудат сервиси за нивна ресоцијализација, реинтеграција и пост – пенална грижа во согласност со законските регулативи но и во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди.

Директорот на Управа за извршување санкции, Марјан Спасовски истакна дека:

Затворскиот систем е една сложена и комплексна област и постои континуирана потреба од негово натамошно подобрување и усовршување согласно современите текови и трендови од областа на извршувањето на санкциите. Во таа насока, зајакнувањето на процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, вклучително и пост-пенелната грижа е поставена како стратешка цел во рамките на Националната стратегија за развоја на пенетенцијатниот систем во РСМ(2021-2025) на која се посветува се поголемо внимание. Подршката која ја добиваме од нашите партнери е голема и секогаш добредојдена. Управата за извршување на санкциите дава целосна подршка на Проектот и во иднина ќе земе активно учество при реализацијата на проектните активности.

Директорот на Заводот за социјални, Стојан Станиславски дејности истакна:

Заводот за социјални дејности ќе даде придонес во изработка на специјална тренинг програма за зајакнување на капацитетите на стручните работници во центрите за социјална работа  и останатите даватели на социјални услуги за нивно ефикасно постапување со поранешно осудени лица пред и после издржување на казната затвор со цел нивна реинтеграција и ресоцијализација во заедницата.

Во вториот дел од настанот, од страна на проектниот тим составен од Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво, Хелсиншкиот Комитет за човекови права и здружението ИЗБОР беа презентирани очекуваните резултати на проектот, активностите преку кои ќе се следи стратегијата за пробација, а беше презентирана и основната студија која содржеше анализа на податоци и препораки во врска со ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените, поранешно осудените лица и лицата под пробација.

Согласно податоците од анализата на Македонското пенолошко друштво, во периодот 2017-2021 година, рецидивизмот сфатен во казнено-правна смисла на зборот во просек изнесува 18%. Односно, од вкупниот број осудени лица (во просек 6.165), во просек 1.112 се рецидивисти. Она што може да забележиме е дека во услови кога бројот на вкупно осудени лице опаѓа во 2018 година, стапката на рецидивизам бележи пораст од 32 единици, или за 6%. Сличен тренд се забележува и во 2021 година во однос на претходната година.

Во дефиницијата за ресоцијализација, важно е да се разликуваат зборот „ре“ и зборот од латинско потекло „социјализација“, што значи: враќање на личноста да биде дел од општеството, тоа е процес на стекнување одредени знаења, стекнување со одредени вредности што ќе му помогнат на осуденото лице да стане полноправен член на општеството. Тоа може да се постигне само преку активно учество на сите засегнати страни, институциите, заедниците и граѓанското општество.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.