Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Презентација на годишен извештај за човековите права во РМ во 2016 година

Проектот на УСАИД за заштита на човековите права денес го претстави Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија за 2016 година.  На презентацијата говореа претставници на проектот, како и правници и адвокати кои соработуваа на случаи кои се поставени како примери во извештајот. Во продолжение прочитајте извадок од извршното резиме во кое се содржат општите заклучоци на извештајот.

DSC_0326

Заштитата на човековите права во РМ во текот на 2016 година во голем дел зависеше од општествениот и политичкиот контекст во кој што се наоѓаше државата.  Почетокот на 2016 година беше одбележан и со продолжување на „бегалската криза“  и протекот на голем број бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, како и од останатите држави од Блискиот Исток и Северна Африка. Во февруари 2016 година, по спроведените преговори меѓу државите членки на ЕУ и државите кои се наоѓаа на т.н „балканска рута“ беше донесена одлука да се прекине со физичко затворање на премините од каде поминуваа бегалците на границата на РМ со Република Грција. Дополнителни импликации кои оваа одлука ги имаше по почитувањето на човековите права беа и зачестената појава на т.н. Push-backs, како и повторното активирање на илегалните канали за криумчарење на мигранти.

Загрижувачки се случаите на убиства врз жени сторени при вршење на семејно насилство од сторители кои веќе биле пријавувани како сторители на семејно насилство, меѓутоа одговорните служби затаиле и не ги презеле сите мерки кои можеле да ги преземат согласно законите. Ваквите случаи се чести и укажуваат на немање можност на државата да го заштити животот на жените во случаи на семејно насилство.

DSC_0269Во текот на 2016 година продолжија поплаките и претставките за несоодветна здравствена заштита во притворските и затворските установи, особено за хронично болните затвореници како и со неколку смртни случаи на лица лишени од слобода. 

Понатаму, во 2016 година беа забележани и значителен број на случаи на дискриминација по основ на етничка припадност, пол, политичка (не)припадност и кон претставници на ЛГБТИ заедницата. Дискриминацијата по политичка (не)припадност е раширена значително во однос на вработувањето и работењето во органите на државната управа и е сериозен проблем кој за жал и покрај неколкуте постапки се уште нема судска разрешница поради тешкотијата да биде докажан таков случај.  Во 2016 година продолжи праксата на „жигосување“ на граѓански активисти, вработени во граѓански организации и новинари поради јавното изразување на нивните политички ставови и убедувања. Жигосувањето се изврши со јавно објавување на податоци за приходите од работен однос и договор за вршење на услуги кои имаат статус на даночна тајна.

Особено загрижувачки е затајувањето на уставните гаранции за заштитата на човековите права, пред се судската заштита, која доколку би функционирала ефикасно и би била достапна за граѓаните, значително би ја подобрила состојбата со човековите права во РМ.

Во овој контекст заштитата на човековите права во споредба со 2016 година нема напредок. 

За детални информации и преглед на случаи преземете го Извештајот.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.